Заев бил сниман од Александар Верушевски на ручек во Струмица


Александар Верушевски е лицето кое ме снимаше летото во 2016 година на ручек кај мене во Струмица. Разговорот јасно ми покажува кој е тоа“, рече денес лидерот на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање да го открие идентитот на човекот со кој зборува на снимка објавена на интернет.

Александар Верушевски е син на разузнавачот Зоран Верушевски, претседател на комисијата за внатрешни работи на СДСМ и советник за национална безбедност во Владата. Заев рече дека е во добри односи со целото семејство.

Ние сме во добри односи, но секој со својата одговорност. Тој така одлучил, така направил. Јас сум близок со неговото семејство, но ете така одлучил мојот пријател и така направил“, рече Заев.

Станува збор за објавен аудио запис од разговор во 2016 година во кој лидерот на СДСМ зборува за невладините организации.

Тоа не беше пред сто години, беше пред четири години. Сега знам дека тоа беше Александар Верушевски“, рече Заев во одговор на новинарско прашање на прес конференција на која темата беа економските мерки за справување со корона кризата.