Заев: Баравме вакцини на секој начин, но не незаконски


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција изјави дека е вистина дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против Ковид-19. Премиерот изјави дека не ја прочитал утринската вест на италијанскиот весник „Ла Верита“, но дека Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните.

„Во овој период правиме напори по какви било канали како што очекуваат нашите граѓани за час поскоро да ги имаат вакцините. Откако по две недели не можевме да добиеме контакт преку кинеската амбасада со ‘Синофарм’ дадовме нарачки преку приватни компании, кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да пристигнат преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада“, рече Заев денеска.

Според него, помагала и „Пауер Чајна“, мајка-компанија на „Синохидро“. Таа е една од кандидатите за изградба на Чебрен, џиновска компанија во сопственост на Кина.

„Апсолутно негирам какви било лоши намери и незаконски дејствувања. Имавме писма за интерес преку повеќе компании, не само во Кина“, изјави Заев.

Сепак за набавка на кинеските вакцини, Заев изјави дека се одлучило да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР.