Заев апелираше до опозицијата да дозволи спроведување на постапките во Собранието што се значајни за граѓаните


Во Собранието вчера споделив како се чувствувам околу потребата за соработка, како прв одговорен во извршната власт, направив сериозни отстапки поради тоа што треба да имаме разбирање за опозицијата и се однесуваат за јасно видливи и важни работи како што е пописот на населението, изборното законодавство и гласање со отпечаток на прст, прифаќање на одложување на одредени законски решенија, како што е постигнатиот договор за законот за пензионирање, истакна премиерот Зоран Заев во одговор на новинарското прашање поврзано со блокада на Собранието од страна на опозицијата.

-За многу други закони сме застанати, очекувам да се направи исчекор за Законот за АВМУ, како и за Клиничкиот центар. Очекувам да се направи исчекор за сите 27 Закони, што се заглавени во Парламентот, додаде Заев.

Тој истакна дека со Алијансата на Албанците и Алтернатива е постигнат значаен исчекор и е добиено предлог решението, а за конечната верзија треба  уште еднаш да се дискутира, за потоа да биде пуштен во Собрание.

Премиерот Зоран Заев апелираше до претседателите на комисиите предводени од опозицијата да дозволат спроведување на постапките, коишто се значајни за граѓаните.

-Ослободете ги процесите за функција на системот, пред се Парламентот во парламентарната демократија како најважна институција што навистина од многу аспекти живот значи за граѓаните, додаде премиерот.

Во однос на поднесеното барање од Левица, за намалување на патните трошоци од 20 на пет проценти, Заев истакна дека ставот ќе го соопшти координаторот на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, што е всушност заеднички став.