Заев: Ангеловска и Џемаили ќе бидат засилување на Владата

????????????????????????????????????

Премиерот Зоран Заев на собраниската седница рече дека предложената министерка за финансии и министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима, Нина Ангеловска и Хисен Џемаили, ќе дадат импакт на економијата.
Заев се задржа на сивито на Ангеловска. Рече дека има 31 година, во 2010 дипломирала на економски факултет со најдобар успех. Одлуката таа да биде новиот министер за финансии се базира на нејзиниот успех и на упатувањето апел до младите да останат во државата и да преферираат на високи позиции. Тој потенцира дека таа за три години станала доктор на науки и дека професионалната кариера ја почнала со основањето на Групер.
За Џемаили, премиерот рече дека тој имал долготрајна политичка и академска кариера. Дека доаѓа од тетовскиот универзитет и оти во политичка кариера бил пратеник и советник.
„Ангеловска и Џемаили верувам дека ќе дадат импакт на економијата. Економијата се движи во добар правец и треба да ги искористиме сите капацитети кои ги имаме, да ги задржиме младите во државата и да заличиме на нормална земја кон што стремиме. Верувам дека ќе бидат сериозно засилување во Владата“, рече Заев.
За заменик министер за економија е предложен Кирил Колемишевски, за заменик министер за образование и наука Елизабета Наумовска, а Неџад Мехмедовиќ за заменик министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Пратениците на денешната седница треба да изберат и нов вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, за што е предложен Фадил Бајрами.
На почетокот на седницата, пред да го соопшти дневниот ред, претседателот на Собранието, Талат Џафери, информира дека замениците-министри за економија и за образование, Кире Наумов и Петар Атанасов поднеле оставки, но иако деловнички имале можност, рекле дека нема да ги образложат пред пратениците. Потоа, Џафери објави дека функциите на Наумов и Атанасов престануваат да важат.