Заев: Ако сака Мицкоски, ќе кажам дека јас го донесов вирусот од Кина


Лидерот на СДСМ го праша Мицкоски дали одлуката за бојкот на изборите ја донесол Централниот комитет, Извршниот комитет, кандидатите за пратеници или тој самиот

 

Објаснувајќи зошто првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не сака да се постогне компромис за побрзо одење на избори, додека е намалена кризата со корона вирусот, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вечерва изјави дека бил подготвен да ја преземе целата вина за ширењето на Ковид-19.

„Еве, ако сака Мицкоски, нека биде вака, јас нека сум виновен за сѐ, јас сум виновен за корона кризата, јас го донесов вирусот од Кина нека бидам виновен за сѐ. Но, дајте, исправени сме пред сериозни одлуки. Да го фатиме првиот можен момент, да излеземе на избори во интерес интерес на граѓаните и на државата“, рече Заев во интервју за штипската телевизија Стар.

Заев рече дека ВМРО-ДПМНЕ е уплашена од поддршката што СДСМ ја има кај граѓаните и „затоа измислува секакви контрадикторни и нелогични услови и барања само за да избега од избори“.

Тој нагласи дека според последните анкети СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ со шест проценти, поддршката секој ден расте и оттука е стравот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од соочување со граѓаните.

„Не треба никој да биде кукавица, не завршува политиката со денот на изборите. Граѓаните се тие што одлучуваат, не Заев и Мицкоски. Што се плаши толку, нека излезе на избори граѓаните да одлучат за потоа државата да биде стабилна, со сигурни институции, за да може со полн капацитет да се справи со сите проблеми што се пред нас. Според анкетите што ги правевме кон крајот на февруари, почетокот на март, СДСМ водеше со четири и пол проценти, сега резултатите покажуваат околу шест отсто. Но, за тоа е виновно и ВМРО-ДПМНЕ зошто во текот на целата криза само гледаа како да се изживуваат со ситуацијата. Да критикуваат, а не да помогнат во ова тешко време кога целиот свет се здружи. Нашата опозиција само гледаше да ќари партиски поени“, додаде Заев.

Според Заев, СДСМ се води од здравјето на граѓаните, економијата и интересот на државата. „ Договор за денот на изборите е можен додека трае вонредната состојба. Во спротивно, доколку нема договор, со истекот на вонредната состојба на 30 мај течат роковите, што автоматски води до избори на 21 јуни“, рече претседателот на СДСМ.

Тој нагласи дека СДСМ сака договор, но нема да дозволи штета на државата и граѓаните и додаде дека води грижа за сите аспекти – здравјето на граѓаните, функционалноста на институциите, како и заштитата на демократските права преку контрола на Владата.

„Теоретски можеме да се договориме додека трае вонредната состојба. Треба до крајот на оваа седмица или на почетокот на наредната недела евентуално да се утврди датумот. Ако чекаме до 30 мај е доцна. Мора да водиме грижа и за сите други аспекти. Јас стојам на располагање, сакаме да разговараме, но притоа не смееме да ѝ нанесеме штета на државата и да ја доведеме земјата во уставна криза“, додаде Заев.

Заев ги посочи и препораките на СЗО дека се очекува нов бран од вирусот и дека овој период, вклучително и есента, треба да се искористи за подготовки за новиот бран. Тоа потврдува дека и од здравствен аспект најбезбедно е да се оди на избори пред летото. „Комисијата за заразни болести прецизно ги кажува сите аргументи, детално кажува дека кога се блиску ефектите од рестриктивните мерки и бројките се намалени треба да се оди на избори. Со отворањето границите, доаѓањето на нашите граѓани од дијаспората, можноста да се патува во странство е поголем ризик да се прошири заразата. Токму водењето грижа за здравјето на граѓаните е најважната причина зошто мора да одиме на избори во првиот можен момент. Исто така, важно е граѓаните да имаат и функционален парламент, бидејќи не знаеме кога и како ќе требаат брзи одлуки, нема поважна институција во парламентарна демократија како што е нашата од функционален парламент и политичка влада. Владата во моментов никој не ја контролира, јас не треба да го кажам тоа, според мене Владата е одлична, но тоа Мицкоски треба секој ден да го зборува, бидејќи контролата е здрава. Трансформацијата на економијата е уште една причина зошто е најсоодветно во првиот момент да одиме на избори“, оцени Заев.  (Н.В.)