Заев: Ако нема консензус за датум за избори, тие ќе се случат на 21 јуни


Ако нема консензус околу датумот на избори, останува да се почитуваат уставот и законите, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција, додавајќи дека терминот за избори е 21 јуни.

„Ако не успееме да се договориме, не е прашање на тоа што бараат политичките партии, што бара опозицијата, туку тогаш ќе постапиме според уставот и законите. Ние нема да дозволиме да се кршат Уставот и законите…треба да се договориме, но ако не се договориме, да знаат сите дека на 21 јуни ќе има избори со 14 кандидадски листи, ќе се излезе на гласање и верувам дека максимален ќе биде бројот на излезени гласачи“, рече Заев.

„Предлогот на опозицијата за избори на крајот на летото е апсолутно неодговорен“, рече Зоран Заев на денешната прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Тој смета дека тогаш би можело да има нова здравствена криза, како и да се продлабочи економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

„Имаме плус аргументи зошто треба да одиме на брзи избори“, рече Заев кој повтори дека не би сакал со одлагање на изборите за август или септември, па дури и декември, земјата да се доведе во ситуациија на нова политичка криза.

Заев рече дека нема да се дозволат незаконски и неуставни избори.