Заев: Ако ДУИ има ваков услов за владина коалиција, тогаш нема да биде дел од идната Влада


Фото: Б. Грданоски

Мандатар за претседател на Влада може да биде секој граѓанин кој ќе обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник. Според Уставот, пратениците во Собранието се бираат според волјата на граѓаните, а не според етничката припадност на еден или друг кандидат, напиша денеска на својот Фејсбук профил, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

-Точно е дека граѓаните во нашето општество сѐ повеќе ги надминуваат етничките бариери, но поважно од тоа е дека при изборот тие се водат, пред сѐ, од квалитетите на кандидатот и посебно од неговиот однос кон граѓаните, од неговата општествена посветеност за добробит на сите граѓани и државата, како и личниот пример што како впечаток кандидатот го остава пред граѓаните, напиша Заев.

Нагласи дека доколу СДСМ победи на изборите, тој е кандидатот за претседател на Влада и ќе биде премиер кој еднакво се бори за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што, како што вели, го докажал низ сите негови политики изминативе години.

-Соодветно на тоа, доколку ДУИ има ваков услов за коалиција за Влада тогаш ДУИ нема да биде дел од идната Влада, порача Заев.