„Заедно 2“: Заедничка изложба на македонски и бугарски уметници во Брисел


Софија – Во зградата на Европскиот парламент во Брисел утре ќе биде отворена изложба на македонски и бугарски уметници насловена „Заедно 2“.

Организатор на изложбата е Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, со поддршка на бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, а во нејзиното поставување е вклучена и ликовната колонија „Галичник“.

Како што јави бугарскиот портал „Факти“, оваа е прва заедничка изложба на сликари од двете земји во некоја од институциите на Европската унија во Брисел, на која ќе бидат поставени 18 дела.

Од македонските уметници на изложбата ќе се претстават сликарите Жанета Гелевска-Велјаноска со делото „Пејзаж“, Симонида Филипова-Китановска со „Композиција“, Илија Кочовски со „Пејзаж 2“, Александар Станкоски со „90.000 овци“, Жаклина Глигориевска-Кочовска со „Возбуда или за потеклото“, Марина Цветановска-Мартиновска со „Ни на небо ни на земја“, Дијана Томиќ-Радевска со „Цветовите на Галичник 1“ и Марина Лешкова со „Галичник“.

Од бугарска страна на изложбата ќе учествуваат скулпторката Снежана Симеонова со делото „Форма“ и сликарите Свилен Блажев со „Рабош“, Вихрони Попнеделев со „Триптих“, Греди Аса со „Историја“ и „Внатрешен простор“; Надежда Кутева со „Манастирот 1“ и „Градски пејсаж“ и Атанас Андасаров со „Св. Наум“ и „Персимон“.

Според најавите на отворањето на изложбата во Брисел ќе присуствуваат делегации од двете земји.

Делата поставени на оваа изложба првпат беа презентирани при отворањето на новите простории на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје на 25 ноември минатата година. На ова свечено отворање присуствуваа и министрите за култура на двете земји, а делата ги презентираа кустосите Атанас Андасаров и Ана Франговска.