Заеднички пазар без бариери побара Здружената стопанска комора на Западен Балкан

Деловниот совет на здружената комора на шестте економии од Западен Балкан на својата инаугуративна седница ги повика владите во регионот и сите учесници во процесот на регионалната интеграција да ја поддржат и забрзаат идејата за изградба на заеднички пазар без бариери, а ЕУ да обезбеди инклузивно проширување, односно целосно отворање на европскиот пазар за компаниите и производите од регионот и пред полноправното членство на земјите, во области каде што се исполнети европските стандарди, хармонизирани правилата и воспоставени институциите.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, членови на Деловниот совет се истакнати бизнисмени, лидери на големи регионални деловни системи, како македонските „Алкалод“ и „М6/Тиквеш“, српските „Еликсир груп“, „Нелт“ и „Милшпед“, албанските БАЛФИН, „Агна“ и „Инфософт груп“, босанските „МС Вуд“, „Сараево кисељак“ и „Микроелектроника“, косовските „Деволи корпорација“ и „Алби груп“ и црногорските „Воли“, „Требјеса“ и „Портонови“.

– Деловниот совет на заедничката трговска комора на регионот, кој се состои од сопственици и управители на 16 големи деловни системи од сите шест економии на Западниот Балкан и речиси од сите производствени и услужни сектори и кои имаат компании и деловно работат низ целиот регион, вработуваат 25 илјади луѓе и заедно остваруваат повеќе од 2,8 милијарди евра годишен приход, ќе ги застапуваат интересите на приватниот сектор на целиот регион, изјави Марко Чадеж, претседател на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Србија (ПКС).

Како што соопшти ПКС, врз основа на мерливи критериуми, Деловниот совет ќе го следи напредокот во спроведувањето на Планот за заеднички регионален пазар, кој се очекува да биде усвоен следната недела во Софија на Самитот ЕУ-Западен Балкан и во чие создавање активно учествуваше и деловната заедница од регионот.

– Деловниот совет редовно ќе ги информира владите од Западен Балкан и ЕУ за состојбата на теренот, давајќи, врз основа на искуството од секојдневната работа и деталните анализи, конкретни предлози и сугестии за мерки за забрзување на отстранувањето на бариерите, намалување на трошоците и олеснување на бизнисот во регионот и со ЕУ, посочи Чадеж.

Според него, тоа ќе донесе пофлексибилен и небирократски пристап кон решавање на проблемите со кои се соочува економијата секој ден и нова динамика во дијалогот што го има Коморскиот инвестициски форум, како заедничка комора на регионот, со земјите од Западен Балкан и институциите во Брисел.

Со цел да се обезбеди слободен побрз проток на луѓе, стоки, услуги и капитал во регионот, според членовите на Деловниот совет, најважно е владите најитно да ги стандардизираат и обезбедат меѓусебно признавање на сертификатите и другата трговска документација што ги придружува стоките, како и да се подобри инфраструктурата на граничните премини, усогласување на работното време на граничните служби и забрзување на царинските постапки, обезбедување побрз проток на стоки и царинење без хартија. Според стопанствениците, подеднакво важно е да се реши прашањето за фискализација на регионално ниво, да се потпише најавениот договор за работни дозволи, да се усогласат лиценците и софтверот, да се олеснат меѓукомпаниските трансфери и да се намалат интрарегионалните плаќања.

Потребна ни е регионална соработка преку отстранување на пречките со кои сега се соочуваат бизнисмените повеќе од кога било, како одговор на отежнатата работа за време на пандемијата и како најдобар начин поединечно да се обезбедат за конкурентно работење, раст и развој, е заеднички став на деловните лидери, членови на Деловниот совет и сите шест национални комори, членки на Заедничката комора на регионот.

Овој став, со конкретни препораки од деловната заедница, е изразена во документот усвоен од Коморскиот инвестициски форум, како дел од подготовките за Самитот на Западен Балкан и кој ќе биде упатен до сите учесници во процесот на регионалната интеграција – политичките лидери, владите и надлежни министерства од регионот, Европската комисија, членови на Берлинскиот процес, Секретаријатот на ЦЕФТА и Советот за регионална соработка, соопшти ПКС.

Во документот, деловната заедница ги повика владите од Западен Балкан да постават приоритети за спроведување на Планот за заеднички регионален пазар во наредната година, да го охрабрат и олеснат инклузивното проширување и да ја поддржат економијата во барањето заедно со зелените коридори за стоки и зелените линии за деловните луѓе во регионот, исто така, да се воспостават и зелени линии на граничните премини со земјите од ЕУ, со цел меѓусебно да се забрза трговијата со стоки и да им се овозможи на компаниите на Балканот полесно да извезуваат и набавуваат суровини.

Покрај повикот до политичките елити да продолжат да покажуваат солидарност за време на пандемијата со Ковид-19, деловната заедница очекува владите да поддржат и изградба на ланци за снабдување во чувствителни области, вклучувајќи медицински помагала и фармацевтски производи. Важно е, посочуваат бизнисмените, да се искористат можностите за поголеми инвестиции во подобрување на енергетската поврзаност и ефикасност и владите заеднички да работат на промоција на инвестициите.

За да се обезбеди подобра и поефикасна координација, посилна политичка поддршка за регионална интеграција и поголема меѓусебна доверба во градењето единствен регионален пазар, Заедничката комора на шесте економии во регионот го повтори своето барање сите влади да формираат министерства за регионална соработка или да назначат службени лица на ниво на министерства, со задача да обезбедат спроведување на договорените политики и мерки.

Претставникот на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Томас Хаглајтнер, ја истакна важноста на учеството на стопанството и иницијативите на деловната заедница во процесот на градење на заеднички пазар и спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.

– Овие инвестиции ќе имаат целосна смисла доколку има слободен проток на стоки, луѓе, услуги и капитал, доколку се воспостави единствен пазар во регионот, кој работи според правилата на ЕУ, што ќе доведе до интеграција на регионот во ЕУ, изјави Хаглајтнер.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Ѓикиќ ја истакна важноста на мерливите резултати во отстранувањето на бариерите и клучната улога на деловната заедница во спроведувањето на договореното и имплементација на заедничките решенија во сите земји во регионот.

Тања Мишчевиќ, заменик генерален секретар на Советот за регионална соработка, ја истакна важноста на иницијативата за напредна регионална соработка во рамки на Берлинскиот процес, заснована врз четирите европски слободи, како составен дел од процесот на евроинтеграција на економиите од Западен Балкан.

Според неа, акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, преку усогласување на стандардите, владеењето на правото, поттикнување на иновациите и мобилноста, отвора можност за повеќе инвестиции во регионот и вклучување на Западниот Балкан во паневропскиот дигитален пазар за укинување на роамингот со ЕУ.