Заедничка седница на Владите на С. Македонија и Црна Гора: Се зајакнува соработката во здравството

Министерот за здравство Венко Филипче денеска во Подгорица во рамки на официјалната посета и заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Црна Гора, се сретна со црногорскиот министер за здравство, Ќенан Храповиќ.

На средбата, соопшти Министерството за здравство, станало збор за продлабочување на соработката меѓу двете министерства во повеќе области, како што се имунизација и воведување на нови вакцини, развој на програми за скрининг и рано откривање на малигни заболувања, развивање на патронажни сервиси и здравствена заштита во рурални подрачја, регионализација на давање здравствени услуги, надминување на предизвиците со кои се соочуваат двете земји како што е одлив на медицински кадар и можности за размена на искуства, знаења и експертиза меѓу двете земји.

На заедничката владина седница министерот Филипче се заблагодарил за досегашната одлична соработка и најавил соработка со Министерство за здравство на Црна Гора во повеќе области, почнувајќи од делот на медицински туризам, односно користење на ресурсите и капацитетите на детската кардиохирургија за пациенти од Црна Гора кои имаат потреба од тоа и користење на центарот за рехабилитација во Игало за македонските државјани.

Со ова, на пациентите ќе им се понуди можност и пристап за користење на најдобрата експертиза и добивање поквалитетна здравствена услуга во овие области.

Министерот Храповиќ ја поздравил претстојната соработка и нагласил дека преку активностите кои ќе се одвиваат меѓу двете земји, како што е размената на кадри, воведување на телемедицина меѓу клиничките центри во Скопје и Подгорица, развојот на медицинскиот туризам и споделувања на искуства, најголем бенефит ќе почуствуваат граѓаните на двете земји.

На крајот од заедничката седница меѓу Владите, министрите Филипче и Храповиќ потпишале Меморандум за разбирање во областа на здравството и медицинските науки при што се согласиле да ја развијат и зајакнат соработката во областа на здравството во следните приоритетни области: реформи во системот на здравствена заштита и во системот на здравствено осигурување, законодавство во областа на здравството, промоција на здравје и превенција на хронични незаразни болести, развој на интегрирани служби за итна медицинска помош, едукација на медицински персонал за размена на практични искуства и знаења, електронски услуги во здравството, директна соработка меѓу медицинските факултети и здравствените установи, како и соработка во други области од заеднички интерес.