Заедничка цел на ТУК и на Агенцијата за промоција на туризмот е 2,5 милиони ноќевања и 400 милиони долари приход од туризмот


Новиот претседател на Туристичко-угостителската комора Аркан Керим и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски денеска разговараа за можностите за унапредување на соработката меѓу двете институции со цел подобра промоција на земјава како туристичка дестинација. 

На средбата присуствувал и претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски, а соговорниците се заложиле заеднички да работат за да се постигне зацртаната цел годинава да се реализираат 2,5 милиони ноќевања и да се оствари приход од туризмот од 400 милиони долари.

– Ова е наша прва работна средба откако ја преземав претседателската функција во Туристичко-угостителската комора, во насока на претставување на приоритетите на кои ќе работи Комората во наредниот период, а кои веруваме дека доколку ги организираме со заеднички пристап ќе дадат многу подобри резултати. Агенцијата за промоција на туризмот е наш важен партнери и во таа насока Сојузот е подготвен за лојална соработка и меѓусебна поддршка, истакнал претседателот на ТУК, Керим.

На состанокот, како што информираа од Сојузот на стопански комори, се разговарало и за заеднички настап на реномирани саеми, меѓу кои и 43. Саем за туризам, што овој месец ќе се одржи во Белград. 

– Туристичко-угостителската комора е организација на врвни професионалци во туристичката индустрија, со изградени релации и воспоставена комуникација со нашите колеги од други земји. Користејќи ја оваа мрежа на комуникации, а вклучувајќи ја во активностите и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе направиме значаен исчекор во привлекувањето на туристи од европските земји, регионот и пошироко, порачал Керим.

Новиот претседател на ТУК беше избран минатата недела на Собрание на Комората.