Задолжителна редарска служба пред маркетите, аптеките, банките и поштите

Фото: Б. Грданоски

Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително треба да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

Покрај оваа мерка, Владата забрани собирање собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел, се задолжуваат МВР и Армијата да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.

Воведена е и забрана за пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.

Полицијата ќе ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и  во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите ќе бидат  преземени соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.

Се забранува и одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.