Забрчанец: Прочистувањето на судството, пописот и гасификацијата, во фокусот на вниманието во 2021 година


 Во 2021 очекувам сериозно да биде третирана темата прочистување на судството. На крајот на оваа година ќе биде презентиран концептот, за кој верувам дека правосудните органи ќе го одобрат, да го усвојат и да видиме конечно конкретни разврски поврзани со одвојувањето на нечесните од чесните судии во 2021, истакна националениот координатор за комуникациски стратегии, Марјан Забрчанец, на конференцијата на Цивил, насловена „Перспективи 2021“.

Понатаму, тој посочи дека за следната година и пописот е една од големите планирани операции.

-Друг важен проект, важна тема која што е од највисок интерес на населението, би рекол повеќедецениски интерес на населението, е пописот. Планираме во април да се спроведе пописот. Тоа е најважната статистичка, можеби и повеќе од статистичка операција за земјава. Немаме спроведено попис повеќе од една деценија. Податоците од тој попис се, и тоа како, важни за проекциите за развој на државата, пред сé, економски и социјални, се разбира, многу помалку политички, дополни Забрчанец.

Тој ја нагласи и важноста на развојот на енергетскиот сектор, првенствено со гасификација на државата.

-Тема што несомнено ќе се наметне, а е економска – новата македонска енергетика. Пред нас се сериозни процеси за гасификација на земјата. Во 2021 се очекува да почне изведбата на секундарната мрежа за десетина македонски градови. Значи, ќе почнат да се подготвуваат планови, ќе тргне реализацијата на поставување на цевките за гас кој што стигаат до домаќинствата во десетина македонски градови. Тоа навистина мислам дека е за одбележување и треба да се нотира. Ќе се зголеми и бројот на фотонапонски централи, на фотоволтаици што го користат сонцето како извор на енергија за производство на струја. Ќе се зголеми бројот на поставени ветерници во Северна Македонија и навистина мислам дека тоа е еден нов економски, енергетски бран, што е во корист и на животната средина, во исто време, истакна Забрчанец на конференцијата.