Забрана за тешки товарни возила на повеќе патни правци


Фото: Б. Грданоски

Согласно информацијата на АМСМ до ЦУК, забрани за движење на тешки товарни возила од превентивни причини има на следните патни правци: Крива Паланка – граничен премин Деве Баир; Гостивар – Маврово – Дебар; Гостивар – Стража – Кичево, како и на планиските превои Пресека и Плетвар. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

УХМР известува до ЦУК дека денеска времето ќе биде облачно и студено насекаде со врнежи од снег, а наместа, особено во западните делови ќе бидат обилни (локално над 40 л/м2). На повеќе места ќе се формира снежна покривка, а на планините значително ќе се зголеми (локално и над 50 см). Позначителна снежна покривка (над 20 см) ќе се формира и во југозападните делови. Поради ниските температури и засилениот северен ветер ќе има појава на голомразица и снежни наноси. Максималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4 степени.
Во Скопје облачно и студено со врнежи од снег, повремено пообилни. Снежната покривка ќе се зголемува. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 0 степени.
Потоа, во наредните денови, ќе преовладува променливо облачно и студено време со слаб до умерен северен ветер. Повремени врнежи од снег ќе има и во понеделник, а потоа во следните денови ќе има услови за провејување на слаб снег. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула.

Истовремено, се потсетува дека, ако се планираат патувањата заради временските метеоролошки прилики и според дестинацијата е пожелно да се следат информациите од медиумите за временската состојба и состојбата на патиштата, согласно информациите од надлежните институции и служби.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.