Забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“ – вонреден надзор на „Дрисла“


Фото: Б. Грданоски

Донесена е забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба, а надлежен за оваа проблематика е првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Како што информира денеска Министерството за животна средина и просторно планирање, Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи на денешната седма седница предложил до Владата, а Владата ги усвоила овие заклучоци.

Заклучоците, како што соопшти ресорното Министерство, се донесоа по дискусијата за состојбата со пожарот на депонијата „Вардариште“ во општина Гази Баба. По исцрпната дискусија, членовите на Комитетот, поради зголемените ризици по животот и здравјето на граѓаните и поради загадувањето на животната средина, како што се наведува, ги донесоа заклучоците за превенција и отстранување на штетните последици од пожарите на депонијата „Вардариште“.

– Овие заклучоци се во насока на заштита на животната средина и безбедноста на граѓаните, како и превентивно управување со потенцијални кризни ситуации од ваков тип. Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи будно ја следи целата ситуација во и и околу „Вардариште“ и ќе биде вклучена сè до трајно решение на овој проблем, за што бара трпение од засегнатите граѓани, стои во соопштението. 

Вонреден инспекциски надзор во „Дрисла“

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека поради пожарот кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, пред два дена, на 9 септември е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на државниот Инспекторат за животна средина по пријава од полициската станица Гази Баба.

Како што стои во соопштението на МЖСПП, инспекцискиот надзор бил извршен од страна на овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК и дека на местото присутни биле директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина, како и други вработени во јавната установа.

– Во доцните попладневни часови, околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожар кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба. На лице место се врши гаснење на опожарениот дел со сопствена механизација и средства на ЈП „Дрисла“, како и со повеќе противпожарни возила и возила на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Инспекцискиот надзор го извршија овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК, а присутни беа и директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина и други вработени во јавната установа, стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека во согласност со дозволата А-ИСКЗ која што ја поседува ЈП „Дрисла“, бил изготвен извештај во врска со настанот и преку електронска пошта испратен до Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.

Во согласност со А-ИСКЗ дозволата која ја поседува ЈП „Дрисла“, е изготвен извештај испратен по е-пошта до МЖСПП и ДИЖС во врска со настанот. Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП „Дрисла“ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот, стои во соопштението.