Заборавено и запуштено катче во Кисела Вода


 

Кога беше отворено пред седум-осум години имаше грстови пофалби од жителите во околината. За мајките со мали деца тоа беше едно од омилените места за да се тргнат од улицата кога ги туркаат количките )бидејќи троторатите се зафатени со автомобили) и тука покрај чешмичето малку да одморат. За основците да се напијат вода во веселите игри. За четири-петгодишните деца да се спуштаат радосно по тобоганот во малото заградено игралиште.

Сето тоа го имаше на улицата „Вера Јоциќ“ во скопската општина Кисела Вода, на ќошот меѓу средното економско училиште „Васил Антевски – Дрен“ и студентскиот дом „Пелагонија“. На тоа место претходно имаше трафики и бутки за брза храна. Според планот на општината тие беа отстранети за да се направи пријатен простор за граѓаните. И така и беше. Но сега не е така.

Тоа интересно катче сега е запуштено и заборавено. Чешмичката со вода е затворена, има некаква штопна на неа (колку ќе беше потребна водата во овие горештини не ни треба да се зборува). Украсните грмушки толку многу пораснаа што во нив пропаднаа некои телефонски и други жици растегнати меѓу бандерите. Од кога беа насадени за нив никогаш никој не се грижеше да ги скрои, сега при некој силен ветер може да ги скинат жиците. Други од насадените грмушки се исушени неколку години, но никој од општинските служби не помислил да ги искорне и да ги замени со нови. До исушените пак расте огромна трева. Во малото детско игралиште нема повеќе од сунѓерастите плочи кои треба да го амортиизраат спуштањето на најмладите од тобоганот. И да не набројуваме уште. Единствено што колку-толку функционира е утринското метење на општинските чистачи.

Сето свој начин го одразува нашиот однос кон убавите и практичните нешта. Не само во Кисела Вода, туку речиси насекаде. Надлежните, но и граѓаните, речиси одбиваат да ги негуваат убавите нешта. Не треба главната вина да се фрла врз градоначалникот, не може тој да биде општински палир и само да шета низ општината и да гледа каде нешто е запуштено или се насобрало ѓубре. Една од неговите круцијални работи е да размислува и да делува за развојот на општината.

Пониските општински власти од урбанистичките и еколошките сектори треба да внимаваат повеќе што се случува во општината, да реагираат што е можно побрзо онаму каде што треба да се реагира. За жал, за убавото катче на улицата „Вера Јоциќ“ нема општинска грижа, иако тоа беше одлична општинска идеја. Тоа е така, како и многу други работи, промените и доследноста  се речиси невозможни. (Н.В.)