Заболената жена има лесна форма на корона вирусот

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство, Венко Филипче, вечерва изјави дека состојбата на заболената 50-годишна жена е добра. „Има лесна форма на инфекцијата само на едното белодробно крило и дише нормално без апарати“, изјави Филипче на прес-конференција во Владата.

Тој соопшти дека се идентификувани се сите патници во комбето кое стигнало од Италија, осум лица плус возачот. Тие се идентификувани на две места во Скопје, заедно со роднините на пациентката што ја пречекале и три места во Струмица. Веќе се упатени екипи на епидемиолози заедно со претставници на МВР за да се направи соодветна анкета по однапред определен прашалник за обезбедување податоци. И со кои лица овие патници комуницирале денеска во текот на денот. „Сите вечерва ќе останат во домашна изолација под полициски надзор, како што е предвидено во протоколите. Утре ќе се процени дали ќе останат во домашна изолација или ќе одат во некое инфективно одделение“, рече Филипче.

„Сакам да упатам уште еден апел до јавноста дека нема простор за паника. И порано имало епидемии, особено на сезонски грип, и нема потреба од купување залихи од продавниците“, рече Филипче.   (Н.В.)