Забавувањето на инфлацијата во САД ги подигна индексите на Волстрит


 

Американските берзански индекси пораснаа во четвртокот, продолжувајќи го својот раст трет ден по ред благодарение на податоците за забавување на растот на инфлацијата во САД, кои ги зајакнаа очекувањата на инвеститорите дека ФЕД во иднина помалку агресивно ќе ги зголеми каматните стапки.

Индексот Дау Џонс порасна во четвртокот за 216,96 поени или за 0,64 отсто, на 34.189 поени. Во исто време, S&P 500 зајакна за 0,34 отсто, на 3.983 поени, а Насдак за 0,64 отсто, на 11.001 поен.

S&P 500 порасна за 3,7 отсто од почетокот на годината.

Годишната стапка на инфлација падна на 6,5 отсто во декември, што е најниско ниво од октомври 2021 година, објави американското Министерство за труд. За споредба, тој во ноември изнесуваше 7,1 отсто, а во октомври 7,7 отсто. Таа беше на својот врв во јуни минатата година, кога достигна 9,1 отсто, што е највисоко од ноември 1981 година.

На месечно ниво, пак, потрошувачките цени во најголемата светска економија паднаа за 0,1 отсто во декември, првпат од мај 2020 година.

„Повеќето инвеститори гледаат забавување на инфлацијата, што е позитивен знак, па затоа очекувам заработката да биде пристојна“, вели Гери Бредшо, портфолио менаџер во Hodges Capital Management.

Во петок ќе бидат објавени деловните резултати на голем број големи американски банки, со што ќе започне сезоната на објавување деловни резултати за последниот квартал од минатата година.

Заработката во четвртиот квартал на компаниите чии акции се вклучени во индексот S&P 500 се очекува да биде помала од една година порано, покажуваат податоците на Refinitiv, што би можело да биде првиот квартал на пад на заработката за американските компании од 2020 година.

Некои стратези велат дека забавувањето на инфлацијата во САД може да го отвори патот на ФЕД да ги намали потрошувачките цени без значително да го загрози економскиот раст. Дури 91 отсто од трговците сега веруваат дека ФЕД ќе мора да ги зголеми каматните стапки во февруари за само 0,25 процентни поени, додека 77 отсто од нив тоа го очекувале пред објавувањето на податоците за инфлацијата.

ФЕД ги зголеми каматните стапки за половина процентен поен во декември, откако во четири претходни наврати ги зголеми за 0,75 процентни поени.

Благодарение на забавувањето на инфлацијата во САД, во четвртокот пораснаа и индексите на европските берзи, при што паневропскиот индекс Stoxx600 зајакна за 0,63 отсто, на 450 поени – највисоко ниво од април минатата година.

Истовремено, франкфуртски DAX порасна за 0,74 отсто, на 15.058 поени, лондонскиот Ftse индекс за 0,89 отсто, на 7.794 поени, а париски CAC за 0,74 отсто, на 6.975 поени.