За законот за државјанство може да се најде решение


Од средбата во Собранието

И премиерот Зоран Заев и координаторот на пратеничката група на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, Скендер Реџепи, денеска изјавија дека пречките за измените во законот за државјанство не се ненадминливи и дека може да се најде решение кое ќе ги задоволи и законските регулативи и барањата на таканаречените „луѓе фантоми“

По средбата Заев изјави дека биле изнесени низа ставови како од страна на владините претставници така и од пратениците на Алијанса на Албанците. Следната средба е најавена најдоцна за една недела.

„Имавме конструктивен работен состанок на којшто претставниците од извршната власт можевме да ги слушнеме аргментациите по предлог-законот од Алијанса и Алтернатива, претставени од нивните пратеници. За еден дел од работите веднаш најдовме решение и знаеме како ќе се решат работите, но она за позначаен дел од работите заклучивме дека Владата треба да ги разгледа аргументациите коишто беа понудени во образложението од страна на Алијанса и Алтернатива како што и тие треба да ги разгледаат аргументациите коишто беа понудени од страна на соодветните министри“, рече по средбата Заев.

Во решавање на оваа проблематика, како што кажа Заев, ќе се искористи примерот од 2004 година, кога се решени случаите со повеќе илјади граѓани.

Заев рече дека денеска пописот не бил тема на средбата туку само законот за државјанство и оти откако ќе завршат нивните разговори, потоа ќе треба да се разговара и со ВМРО-ДПМНЕ и со Левица кои го имаат блокирано измените и дополнувањата на законот за државјанство на АА и Алтернатива.

Премиерот рече дека мора да се почитува Европската конвенција, потсетувајќи дека ние сме кандидат за членство во ЕУ и не смееме да ризикуваме да ја изгубиме визната либерализација и затоа се мора да биде засновано на докази.

Скендер Реџепи изјави дека „сме на добар пат сме кон изнаоѓање законско решение за државјанство како постојана законска рамка преку која сите граѓани на кои досега им беше овозможено добивање државјанство и живеење достоинствен живот во државата, ќе може да го добијат“. Тој нагласи дека д побарале Владата да разгледа неколку точки што тие ги предложиле и да се дојде до некаков компромис. 

„Не ни е цел како коалиција да бидеме црни овци кои ќе кочат и блокираат закони, туку да бидеме оние кои ќе им служат на лицата на кои им е блокирано правото на државјанство и на живеење. Ќе седнеме како пратеничка група да ги разгледаме сите опции кои се отворени на средбата“, рече Реџепи. 

Тој не сакаше да говори колкав е бројот на граѓаните кои немаат државјанство. За тоа рече, надлежни се институциите. 

На средбата присуствуваа и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за правда Бојан Маричиќ и за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, како и координаторот на пратеничката група на СДМ Јован Митрески. (Н.В.)