За Захариева тоталитаризмот е македонска државна политика

Одлучувачкиот фактор што ја доведе бугарската влада до одлуката да одбие да го прифати почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ на Македонија е недостатокот на „гаранции за добрососедски односи и имплементација на билатерални договори“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Екатерина Захариева во студиото на АРД за Југоисточна Европа.

-Бугарија сака да се признае историската вистина. Тоа не беше проблем за Македонија кога го потпиша договорот – заедничка историја што ќе не обедини, а не да не раздели. Ова е целта. Ние не велиме „Овие херои се само наши“, туку „Овие херои се заеднички“. Тоа е модерно размислување на две земји, особено ако сакаат да бидат заедно во Европската унија. Нема шанси секогаш кога некој во Македонија јавно ќе објави дека еден од овие херои е Бугарин, да биде подложен на јавен линч. „30 години по падот на тоталитарниот режим, тоталитарните методи и пристапи не можат да бидат државна политика“, рече Захариева.

Бугарија исто така се залага за промена на учебниците во Македонија. Во своето интервју за АРД, министерката за надворешни работи Захариева го даде следниот пример: „Во учебниците по историја во Република Македонија, Бугарите сè уште се претставени како фашисти. Како би се чувствувале ако 75 години по завршувањето на војната некој ве опише како фашист?

Иако сите други земји членки се спротивставија и веќе двапати го одбија тоа, бугарската влада ќе настојува нивните стравови да се најдат во преговарачката рамка  за пристапување на Македонија во ЕУ. Според Захариева, Македонија мора да ја прифати и да се согласи на оваа рамка за преговори.

„Јас не сакам да ја запрам Република Македонија. Но, ако немаме гаранции во рамката за преговори, ќе биде невозможно да се каже да. Затоа без разлика на сегашното или следното претседателство, доколку нашите предлози бидат вклучени за дискусија во рамката за преговори, Бугарија ќе може да каже „да“.

На прашањето за согласност на Бугарија во текот на пролетта идната година Македонија да ги започне разговорите за пристапување во ЕУ, кои веќе беа одложени неколку пати, Екатерина Захариева повторно се повика на Договорот за пријателство и добрососедство, што треба да се спроведе: Очигледно е дека Македонија не се согласува да се следи спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и тоа да биде дел од рамката за преговори.

„Ако се вели (во Македонија) дека договорот (со Бугарија) мора да се почитува, иако сега не се почитува, зошто е проблем да се стави добрососедството, што е хоризонтален критериум од Мастрихт, во рамката за преговори? Имаше такви текстови во преговарачката рамка на Хрватска. Ова не е преседан “, рече Захариева.