За Захариева македонското општество е тоталитарно


„Додека  други републики на поранешна Југославија им оддаваат почит на жртвите на режимот на Тито, во Скопје се велича неговото наследство“, изјави Екатерина Захариева во бугарското собрание и го искористи Љупчо Георгиевски и неговото тврдење за „длабока држава“

 

„Додека не добиеме законски гаранции – и од Скопје и во контекст на процесот на преговори со ЕУ дека актуелната политика ќе се промени, не можеме да се согласиме да се одржи првата меѓувладина конференција иа да започнат преговорите  за членство“.

Ова пред пратениците во бугарското собрание, кое расправа за Македонија, го изјави министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

„Бугарските национални интереси околу Република Северна Македонија се предмет на јавен и политички консензус, присутен со генерации во надворешната политика на Бугарија и  заведен во декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година. Оваа декларација е пример за континуитет  и меѓупартиски консензус за каков малку земји можат да се пофалат. Тој исто така ни ја даде потребната политичка тежина  самоуверено да го браниме нашиот национален интерес во нашите разговори со Скопје“, рече Захариева.

Таа беше категорична дека Бугарија ги направила сите неопходни напори да постигне квалитативно нов почеток во односите со Македонија – од признавањето на нејзината независност, преку помошта во време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, до помош да се справи со кризата со Ковид.

Според неа, Бугарија отсекогаш покажувала „постојаност, предвидливост, транспарентност и конструктивност“.

„И покрај сите наши манифестации на добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи својата политика за поддршка на неоснованите малцински, историски, јазични и други тврдења. Имаме долг список на случаи во кои тие не се придржуваа до потпишаните билатерални документи “, им рече Захариева на пратениците.

Притоа Захариева оцени дека тоталитарното размислување сè уште ги држи луѓето во Македонија „во маша“, повикувајќи се на прославата на годишнината од смртта на Тито, организирана од градоначалникот на Скопје.

„Додека  други републики на поранешна Југославија им оддаваат почит на жртвите на режимот на Тито, во Скопје се велича неговото наследство. За жал, оваа идеолошка конструкција, негувана од ‘длабоката држава’ за која зборува поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, го заробува општеството“, рече Захариева.

Како примери, Екатерина Захариева посочи на наводни административните пречки за бугарскиот бизнис во Македонија, доцнењето на транспортниот коридор број 8, антибугарската реторика во медиумите и искривената презентација во медиумите на бугарската позиција.

„Ја оставаме вратата за комуникација и сме подготвени во секој момент за билатерални преговори со Република Северна Македонија“, порача Захариева.

Во расправата таа прецизираше дека бугарската влада бара да се потпише дополнителен протокол со Македонија кој ќе биде потврден во парламентите на двете земји и со кој нашата држава ќе даде гаранции за прашањата што ја мачат Софија. Наедно, македонската влада да предложи сама документ – патна рамка во кој ќе прецизира рокови кога ќе ги оствари барањата што ги има Бугарија, и таа да биде дел од преговарачката рамка на ЕУ.

Министерот за одбрана, Красимир Каракачанов, навести што треба да има во неа, од откажување од претензии кон малцинството, откажување од говорот на омраза во медиумите, образованието, културата и слично, откажување од присвојувањето на бугарската историја и рехабилитација на убиените и затворените по 1944 година заради бугарско самодекларирање, на крајот споменувајќи дека не може сѐ уште да се слават и да има споменици за „терористите и касапите“, а да нема за жртвите.

Тој притоа откри од каде одеднаш ваквото незадоволство на Бугарија околку Договорот од 2017 година. Според Каракачанов, Бугарија освен што ја признала прва Македонија и ѝ помагала во евроинтеграцијата, помогнала и да се потпише Преспанскиот договор за кој, пак, сега смета дека ѝ обезбедил повеќе на Грција од тоа што добиле тие во 2017 година. Притоа како „големи“ грчки придобивки ги наброи забраната за користење на сонцето од Вергина како симбол, преименувањето на аеродромот Александар Македонски и додавката „Северна“ на името на државата. Тој навести јасно исто така дека Бугарија бара во додатокот на Договорот да стои дека според географската област, тие што живеат во Северна Македонија се бугарско население и дека околу тоа прашање нема да прават компромис.

„Или чесно ќе преговараат, или ќе се соочат со долго чекање“, се закани Каракачанов, споменувајќи дека преговорите со Грција траеле 28 години. Според него, по приемот во НАТО Македонија почнала поворно да покажува „рогови“ и почнала да ја блокира работата на Историската комисија и да вели дека за одредени прашања има други гледања, што ескалирало до таму што од бугарска страна да морале да покажуваат историски документи. Аргументите од наша страна притоа ги нарече „аргументи за измотавање“, со оценка дека во преговорите сме се однесувале како Бугарија да е кандидат за ЕУ, а не ние.

Кристијан Вигенин настапи со став кој отскокнуваше од тонот на дебатата. Тој нагласи дека страда Македонија, но страда и позицијата на Бугарија со ветото.

„Не е успех што сме ја сопреле Македонија на тој пат, туку ако успеавме да почнат преговорите и да ја привлечеме на наша страна во рамките на ЕУ. За танго треба двајца, дури и едниот да е виновен“, рече тој.

Вигенин наедно ја потсети Захариева дека ни патот од страна на Бугарија не е којзнае колку подобар за да го користи како аргумент Коридорот 8. Според него Захариева имала „тврди констатации“ за „мрачната ситуација“ во Македонија и тоа не му дава надеж, зошто очекувал посистематски пристап околу проблемот.

Од целата дебата не е јасно, ако Македонија стане членка на ЕУ, дали бугарските преставници ќе им се обраќаат на македонските како на „колеги“ и како ќе го решат тоа со фамозниот протокол во кој нема да стои дека сме Македонци, но не може да стои ни дека сме Бугари, туку само дека имаме бугарски корени. (Н.В.)