За Заев мнозинскиот модел ќе биде уназадување на демократијата


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Зоран Заев се надева дека ќе биде постигнат консензус околу Изборниот законик. Тој изјави денеска дека делот околу препораките на ОБСЕ/ОДИХР е усогласен со претставниците на парламентарните партии и дека остануваат уште дебатите околу предлозите на власта, опозицијата и помалите партии.

Според него, мнозинскиот модел што го бара опозицијата за владејачката партија е уназадување во демократските процеси.

„Ние поддржуваме една изборна единица. Како мултиетничко општество сме убедени дека треба да дадеме шанса на една изборна единица што ќе значи диверзификaција или поголема разноликост на парламентот, ќе ја скроти или ќе ја ограничи моќта на шефовите на поголемите политички партии и ќе ја унапреди демократијата во државата, а ќе гарантира поголема застапеност и на помалкубројните етнички заедници, но и на помалите партии. Опозицијата бара мнозински модел. Според нас, тоа е уназадување“, рече премиерот.

За локалните избори опозицијата предложи градоначалникот да се избере во првиот круг со цензус од 30 отсто од вкупнот број гласачи. „Тоа треба да се усвои или одбие од сите партии. Нашиот предлог е отворените листи, зашто мислиме дека советниците им должат многу повеќе на граѓаните отколку на своите матични партии или коалиции кои ги предлагаат. Се надеваме дека ќе се постигне консензус или барем поприличен консензус“, рече Заев.