За Заев, Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ


Лидерот на СДСМ оцени дека една партија, како неговите главни политички опоненти, која е многу расипничка не може да ја води државата. Во подолгиот статус објавен на Фејсбук, Зоран Заев напиша: „Христијан Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ. Најрасипничката партија со милионски долгови не може и нема да ја води државата!
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски јавно призна дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најазадолжена политичка партија, со долг од околу осум милиони евра“.

Според него, Мицкоски продолжува да биде извршител на Никола Груевски за чие време државава се задолжила за милијарди евра. И потоа прашува: „Замислете, што би се случило кога овие недомаќини, Мицкоски и Груевски повторно би се доближиле до државниот буџет. Ако својата партија ја задолжиле со осум милиони евра, што би се случило со државниот буџет? Колку нови милијарди евра би ја задолжиле државата за нивните криминални проекти, каков што беше ‘Скопје 2014’, за кој тврдеа дека ќе чини 80 милиони евра, а потрошија речиси 700 милиони евра?“

Заев поставува и неколку други прашања:

„Кога и кој ги направил тие милионски долгови на ВМРО-ДПМНЕ и дали тие пари се потрошени на луксузните лустери, скап мебел, персиски теписи, дисплејот од речиси 100.000 евра и уметничките слики од неколку стотици илјади евра?
Колку банкарски сметки поседува ВМРО-ДПМНЕ и дали позајмените осум милиони евра воопшто легнале на сметките на ВМРО-ДПМНЕ?
Колкава е вредноста на луксузната палата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со земјиштето под неа и луксузните предмети во неа и на сиот замрзнат имот ширум државата, кој го стекнаа за време на нивното криминално владеење?“

Од своја страна, ВМРО-ДПМНЕ преку својот потпретседател, Александар Николоски, побара објаснување „што зборувал Зоран Заев на средбата со Катица Јанева во август. И што правел во текот на месеците јуни и јули братот на премиерот Вице Заев заедно со Зоран Милески – Кичеец. Ако е вистина дека Зоран Заев го пријавил прв случајот како тогаш се гледал тој и неговиот брат со главните осомничени во случајот во кој што тој прв го пријавил?“