За Заев административните рокови не треба да се пречка за помошта од 6.000 денари, не исклучува законски измени


Целта е финансиската поддршка од по 6.000 денари да стигне до секој граѓанин на кој по закон му следува и не смее никаков административен рок да биде проблем за тоа, порача премиерот Зоран Заев, барајќи флексибилност од банките и најавувајќи дека доколку е неопходно ќе се донесе и законско решение.

-Одредени одлуки веќе дадовме, а и самиот закон дава флексибилност. Приговорите се одговараат промптно и се доодговараaт и овие денови завршуваме. Апелирам до банките на флексибилност, прво и заради ковид да не се проширува. Целта е сите  овие 27,6 милиони евра да допрат до сите граѓани, затоа што признаваме имаме слабости во евиденција за самохрани родители. Ако не е пријaвен во Центар за социјални работи, во Подарчната единица на Министерството за труд и социјална политика, во Аенцијата за вработување, државата не може да знае во кој момент е некој самохран или не е. Тука се најголем дел од жалбите, потоа во активни и пасивни баратели на работа и мал дел кај пензионерите. Позитивно одговараме и преку тоа ги поправаме пропустите или на граѓаните или на институциите, но целта е парите да ги пуштиме, парите се за тоа во Буџетот и овие пари ќе помогнат навистина на голем процент од најсиромашните граѓани во нашата земја, изјави премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарски прашања денеска во Тетово.

Побара од банките максимална флексибилност, напоменувајќи дека нема рокови. -Иако по Закон е 25 декември, но сепак по право на жалба тој рок мора да биде продолжен.

-Законски се покриени. Пуштивме писмо од Владата и Генерален секретаријат, но целта е навистина да не биде денот, рокот причина некој граѓанин да не ги добие парите што по закон му следуваат, рече премиерот..

Потенцира дека правните служби бараат решение и очекува да го најдат, но потенцира дека на  крајот ако е неопходно законското решение ќе се донесе и во јануари.

-Сите треба да бидат еднакви. Не смее никаков административен или процедурален рок да ги доведе граѓаните во неднаквост, истакна премиерот.

Изјавата доаѓа по реакцијата на банките кои преку Македонската банкарска асоцијација денеска порачаа дека по истекот на законски дадените рокови, за да се реализира исплатата на  сите граѓани на кои во претходниот законски рок не им беше исплатена финансиската поддршка, потребно е да се  направат измени на Законот за финансиска поддршка со цел постоечките рокови, да се заменат со нови подолги рокови.

Тие велат дека во согласност со  Законот за финансиска поддршка до крајот на работното време на 25.12.2020 година вршеа распределување на добиените средства на трансакциските сметки на граѓаните и дека успешно беа исплатени над 90 отсто од корисниците на финансиската помош.