За Вранишковски настанот во Бигорски бил селски панаѓур


Критики на сметка на македонскиот државен врв изнесе владиката Јован (Зоран Вранишковски), расчинет од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а кого СПЦ го признава како скопски митрополит и архиепископ на Православната Охридска Архиепископија-ПОА, пишува Дојче Веле.

Во „ексклузивното интервју за српски „Блиц’“ под наслов „Самостојна македонска црква би била штетна за православието“, неговите критики се упатени кон писмото што македонскиот претседател Стево Пендаровски неодамна ги испрати до Вселенскиот патријарх, со барање тој да го искористи неговото апелационо право за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

„Претседателот на Северна Македонија требало прво да се информиран за тоа што значи „апелационо право“ и дали Цариградската патријаршија го има, за да решава прашања што се во јурисдикција на други автокефални цркви. Вака, изгледа несериозно претседател на една држава да бара нешто, што адресата на која се повикува не е во можност да му го испорача“, вели Вранишковски.

Посочувајќи го примерот со Украинската црква, српскиот медиум се интересира дали за МПЦ да добие самостојност, сепак, вистинската адреса е онаа на Вселенскиот, а не на српскиот патријарх.

„Адресата не е точна, и за жал, со ваквите постапки, претседателот на РСМ докажа дека е целосно изгубен на таа позиција. Северна Македонија не е теократска држава и претседателот нема право да привилегира една верска заедница на сметка на друга. Ова го говорам затоа што пресудата на Европскиот суд за човекови права Православната Охридска Архиепископија да биде регистрирана како верска заедница во РСМ, не е исполнета од 2017 година, кога е донесена, а претседателот ниту еднаш за три години не се заинтересира до каде е дојдено со исполнување на таа пресуда“, вели тој.

Во интервјуто тој изразува загриженост за превентивата од Ковид-19, а причината за претседателската посета на манастирот ја сведува на „селски панаѓур“.

„Најважно му е ( на претседателот-н.з) да биде на селски панаѓур во Бигорскиот манастир на МПЦ, и тоа во време кога за сите граѓани важат прописи за прекин на масовни собири заради Ковид“, вели Вранишковски.

И покрај ваквите споредби, додава дека не го кажува тоа за да го деградира претседателот, туку за да констатира колку тој самиот се деградирал со неговите постапки.

Запрашан дали државниот врв на Северна Македонија со обраќањето до Вселенскиот патријарх ја деградира СПЦ која е матична црква, или го користи конфликтот меѓу Цариградската и Московската патријаршија за украинското прашање, со цел во време на кавга во православието да се издејствува самостојност за МПЦ, Вранишковски одговара дека тоа е направено по наговор на еден митрополит на МПЦ, кој е исклучително близок со премиерот на РСМ, па државниот врв добил впечаток дека е добро време да се постапи на ист начин и за МПЦ, по примерот на Украинската црква.

„Еден од митрополитите на непризнатата МПЦ успеа да го измами државниот врв да го бараат невозможното“, вели Вранишковски.

„Ако се малку трезвени, и оние од државниот врв и епископите во МПЦ, би се сетиле колку непријатности донесе едностраното признавање на автокефалноста на еден дел од црквата во Украина од Цариградската патријаршија. Неа ја признаа само три од 14 други помесни цркви. Ако истото неканонско признавање на автокефалноста се примени и кон МПЦ, сигурен сум дека ни толку цркви нема да го прифатат тоа“, тврди тој.