За Водици со зголемени активности на полицијата, најави Спасовски


Фото: Б. Грданоски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати апел до верските заедници и граѓаните да ги почитуваат мерките за претстојниот празник Водици. Како што рече денеска на прес-конференцијата во МВР, утре, за време на празникот полицијата ќе биде со зголемени активности. Организирани се со посебни планови за да се спречат собирања, а разговарано е и со МПЦ.

– Јас очекувам дека ќе бидеме на висина на задачата и во утрешниот ден. Секако, тој што нема да почитува ќе сноси одговорност, нагласи Спасовски.

Поради пандемијата од Ковид-19, годинава нема да биде организирано традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро од градското пристаниште во Охрид. Празникот Водици ќе биде одбележан само во црковните храмови со утрински богослужби и осветување на вода, со која ќе биде извршен Богојавленскиот водосвет на езерото. Но нема да изостанат традиционалните капачи кои за здравје индивидуално се капат во езерото.

Од Општина Охрид упатија апел до граѓаните да се воздржат од масовни собири и организирано капење во езерото.

– При посетата на храмовите задолжително да се почитуваат препораките за заштита, да се носат маски и да се одржува дистанца.

Да бидеме одговорни и да го прославиме овој празник во кругот на најблиските! велат од локалната.

Отец Симиџиоски вели дека овој верски празник ќе биде одбележан во помал број согласно протоколите за разлика од изминатите години за да не згасне традицијата која постои со векови.

За Богојавление-Водици чаршијата и главните улици кои водат кон пристаништето се украсени со државни и верски знамиња.

Охрид изминативе години беше центар на одбележувањето на големиот христијански празник а илјадници верници од сите краеви ширум светот присутвуваат на Богојавленскиот водосвет и традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро.