За ВМРО-Народна судењето на претседателот на бугарскиот клуб е политички монтиран процес


 

ВМРО-Народна партија денеска го нарече судењето на претседателот на згаснатиот клуб во Битола „Ванчо Михајлов“ политички монтиран процес. Партијата вели дека претседателот на клубот, Љупчо Георгиевски, е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ

„За жал државата преку својот орган на јавен обвинител учествува неодговорно, арогантно и прави пародија од правниот систем само за наводно да докаже некаква идеолошка определба на човекот кој е симбол на борбата за самостојна и независна Македонија.

Пародијата го достигна својот врв кога како главен сведок на обвинителот во разобличувањето на Ванчо Михајлов е повикан авторитетот на Ламбе Алабаковски кој пак е човек кој веќе и официјално е осуден за потпалување на истиот клуб.

За жал во Северна Македонија денеска се води процес за кој ни самиот Лазар Колишевски немал доблест да го поведе дури и во најтемните времиња, а да не зборуваме дека сево ова е своевидно сопствено вето што си го ставаме на нашиот пат кон европската интеграција“ се вели во соопштението на ВМРО-Народна, која бара веднаш да прекине судскиот процес.