За ВМРО-ДПМНЕ Шилегов бил расипник, а му оставиле долг од речиси 40 милиони евра


Фото: Б. Грданоски

По промената на власта во Град Скопје, како и во други општини во државата, одново се слуша познатиот рефрен : Колку претходниот градоначалник ја заглавил општината, колку бил расипник и слично, без да се каже колкав долг наследил кога дошол од тие што го критикуваат сега и колку всушност се презадолжени повеќето општини во Македонија, да не се споменува проектот Скопје 2014 кој го плаќаше цела Македонија. 

Денес ВМРО-ДПМНЕ излезе со напумпано обвинување дека Петре Шилегов оставил долг од 160 милиони евра на Град Скопје нарекувајќи го „расипник“. 

-Градот е до гуша во долгови, и затоа единствено виновен е Шилегов и СДСМ. Само по основ на идни обврска по склучени договори како доспоени и недоспеани обврски има 58.140.165 евра.

Договорите кои ги склучил Шилегов не се единствениот проблем. Дополнително отпочнал постапки за склучување на договори по јавни набавки во висина од 11.377.052 евра. Раскалашеноста на Шилегов и СДСМ се гледа и по 7 договори за заем во висина од 32 милиони евра. Вкупно по сите основи Шилегов на градот му оставил давачки во висина од 158.196.797 евра. Дополнително покрај сите овие долгови, Шилегов ги потрошил и парите од продажбата на градската куќа, за кои уште не знаеме каде завршиле. Шилегов и СДСМ не работеле за скопјани, туку за неколку приватни џебови – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кога пак дојде Шилегов на власт, медиумите објавија дека и неговиот претходник Коце Трајановски ја презадолжил општината  во висина од 35 милиони евра, што еприближно на целиот буџет на Град Скопје за една година. Притоа медумите открија склучени договори со редица фирми во милионски износи кои според информациите во најголем дел ниту се започнати,  ниту се платени.

-Проблемот е што сите овие зделки, случајно или намерно, се покриени со скромен или делумен аванс што создава обврска за идна реализација на договорите чија вредност во најголем дел според нашите информации најчесто е „пренапумпана“. Станува збор за разни договори, од типот на градежни активности, одржувања на инфраструктура, обнова на системи, средување на архиви и слично. Од Град Скопје официјално засега не коментираат ништо поконкретно. Состојбата велат е далеку од розова и треба време за да се провери обемната документација, пишуваше тогаш „Дојче Веле“.   Така што овие театри се веќе видена работа за граѓаните кои, со оглед на сите ветувањата што ги даваше новата градоначалничка Данела Арсовска за време на изборите и фактот која партија стои зад неа, можат со сигурност да очекуваат дека истото ова ќе го слушаат и при следната промена на власта во Град Скопје. (Н.В.)