За ВМРО-ДПМНЕ ребалансот на Буџетот е задоцнет и доказ за неспособноста на Владата

За ВМРО-ДПМНЕ ребалансот на Буџетот доаѓа со задоцнување од најмалку месец и половина, дека приходите се преоптимистички планирани и е доказ дека економската ситуација не е приоритет на оваа влада.

„Ребалансот на буџетот е доказ дека за се што ВМРО-ДПМНЕ тврдеше изминатиов период, а највеќе за неспособноста на економскиот тим на владата. Кога предлагавме мерки, кога апелиравме навремено да се делува, суетата и незнаењето на СДСМ беше поважно од спасувањето на економијата“, оцени денес Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ преку дополнителниот заменик министер за финансии Гордана Кочоска Димитриеска уште во март, „веднаш откако се увидоа првичните негативни ефекти од здравствената и економска криза предизвикани од корона вирусот предложи или укажа на потребата од прекројување на државната каса“, но тоа како и многу други нивни предлози не било прифатено.

Во меѓувреме, како што нагласи Славески, во периодот јануари – март 2020 Владата реализира буџетски дефицит во износ 120 милиони евра или 42,6 отсто од вкупниот планиран дефицит за годинава.
Славески исто така рече дека планираните 750 милиони евра буџетски дефицит со ребалансот е историски највисок планиран буџетски дефицит и дека со него јавниот долг на Македонија ќе се доближи до критичното ниво од 60 отсто од БДП.
Тој исто така забележа дека опозицијата немала можност да дебатира за ребалансот на Буџетот, како што тоа се прави во кога е во функција Собранието, па затоа и информациите што ги имаат се оние кои ги презентира на прес конференција министерката за финансии Нина Ангеловска.

Во однос на приходите Славески рече дека се преоптимистички планиранио и дека нема шанса да се реализираат што може да има одраз и на буџетскиот дефицит.
„Она што по малку зачудува е што расходите на кои што кон крајот на минатата година кога беше донесен Буџетот за 2020 година јавноста реагираше дека беа планирани некаде околу или нешто под 4 милијарди евра историски највисоко ниво, сега дополнително овој износ се зголемува и прашање е дали е тоа зголемување оправдано“, рече Славески.

Оградувајќи се заради недостиг на подетални информации, Славески забележа дека оставањето на истиот износ за плати и други надоместоци значи дека Владата нема намера да прекине договори кои што истекле на лица вработени во предизборието, партиски активисти за кои што се наменети значителни средства.
Најмногу, сепак, зачудува е тоа што ставката стоки и услуги се намалува за само 1,5 отсто и дека со тоа е пропуштена можност за да се направат сериозни кратења со цел да се намали буџетскиот дефицит и да се намали потребата од задолжување.

Славески исто така имаше повеќе забелешки за мерките со префиксот Ковид коишто се насочени или намерата е да ја поттикнат потрошувачката, при што, меѓу другото рече дека издавањето платежни картички и ваучери ја отвора можноста за бројни злоупотреби и ненаменско трошење на буџетските средства.

„Како владата планира да обезбеди заштита од злоупотреба на дебитните картички? Дали постои можност за контрола дека средствата навистина ќе ги користат примателите на социјална помош и лицата со ниски приходи? И како ќе се обезбеди предвидените 18 милиони евра за оваа намена да отидат токму за домашни производи и услуги? Многу е лесно да се стави нешто на хартија, но како тоа ќе се спроведе во практика“, рече Славески, додавајќи дека ваучерите „повеќе од сигурно ќе се препродаваат, доколку нема сериозни инструменти за контрола“.

„Буџетот вака како што е сега предложен е доказ за неуспешните економски политики на актуелната влада кои што предизвикаа сериозни дисторзии во македонската економија и со големо задоцнување се најавуваат некои мерки кои во старт се проблематични во нивната реализација“, оцени Славески. (М.Ј.)