За ВМРО-ДПМНЕ преговарачката рамка не е доволна, бара конкретен датум за преговори


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го поздрави утврдувањето на нацрт-преговарачката рамка на Европската комисија за преговори со Македонија, но вели дека тоа не значи и датум за преговори со Унијата. „Секој чекор напред кон Европската унија е за поздравување и претставува успех на голем број генерации кои во последните дваесет години се бореле за полноправно членство во ЕУ. Затоа најпрвин би сакале да го поздравиме чинот на упатувањето на предлог-преговарачката рамка од ЕК до Европскиот совет. Истовремено би сакале да издвоиме дека наведениот чин не значи дека Македонија истовремено има добиено и датум за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија“, изјави меѓународниот секретар на партијата Тимчо Муцунски.

Тој го повтори она што веќе се знае, дека овој нацрт ќе стане официјален откако ќе го усвојат сите земји членки на Унијата, што значи секоја држава може да има забелешки на документот на Комисијата. Муцунски, исто така, додаде дека „лажна вест е фактот дека македонскиот јазик станал официјален јазик на Европската унија. Тоа ќе се случи токму во моментот кога нашата земја ќе стане полноправна земја членка на ЕУ“.

Според Муцунски, овој предлог-текст за преговарачката рамка не е причина за некоја голема прослава „како тоа што го претставува СДСМ“, туку само след на редовна процедура. „Обидите да се создава еуфорија од секој минимален чекор веќе станаа фолклор“, рече Муцунски. Тој рече дека „СДСМ е меѓу главните пречки на Македонија на патот кон Европа“.

Инаку, според агендата што ја претстави германското претседателство со ЕУ, за проширувањето на Унијата ќе стане збор на состанокот на Советот за општи работи на 1о ноември. Дотогаш треба сите земји да се изјаснат за преговарачката рамка и доколку биде усвоена на тој состанок првата меѓувладина конференција би се одржала во декември оваа година. (Н.В.)