За ВМРО-ДПМНЕ Луксембург е оф-шор држава
Државата која даде двајца претседатели на Европската комисија и е седиште на многу институции на ЕУ, според ВМРО-ДПМНЕ е „земја позната по оф-шор фирми со сомнително сопствеништво кое е скриено за јавноста“
Лукесембург, една од земјите основачи на Европската унија и исклучително влијателен член на блокот, од ВМРО-ДПМНЕ денеска е оценет како оф-шор држава, што значи дека е сомнителна дестинација. Опозициската партија тоа го наведе во соопштението поврзано со најавата на премиерот Зоран Заев дека компанија од Луксембург планира да инвестира во фабрика за соговорување отпад од 48 општини и тоа на нов начин со користење и произведување зелена енергија.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека таква фабрика ќе биде опасна поради можното загадување на Тиквешијата. „Да биде овој бизнис уште посомнителен, наведениот инвеститор кој го најавува Заев е од Луксембург, земја позната по оф-шор фирми со сомнително сопствеништво кое е скриено за јавноста“, оценува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.
Кога максимата е дека мора да се искритикува секој чекор на политичкиот противник се прават и вакви сериозни политички грешки. Луксембург даде двајца претседатели на Европската комисија, Жак Сантер и Жан-Клод Јункер, таму се седиштата на повеќе европски институции, како Европскиот суд за правда и новото Европско јавно обвинителство кое почнува со работа утре, 1 јуни; европските министри за надворешни работи регуларно секоја година одржуваат сесии во Луксембург. Таму е и седиштето на Европската инвестициска банка. Нејзиниот министер за надворешни работи, Жан Аселборн, е меѓу највлијателните членови на европскиот министерски колегиум и секогаш целосно посветен македонски поддржувач. Општо земено, влијанието на Луксембург во ЕУ е десет пати, а и повеќе, поголемо од неговото население.
Пред неколку години беа откриени малверзации со банкарски сметки за затајување данок на големи меѓународни компании, што беше удар за политичката структура на Луксембург. Големото војводство е еден од поголемите финансиски центри на Европа. Но на толку важна земја во Европа да ѝ се стави етикетата оф-шор дестинација само поради потребата да се потцени можната инвестиција и да се омаловажи политичкиот опонент дома, е во голема мерка политички неуко.
Тоа е исто како ВМРО-ДПМНЕ сега да зборува дека Џо Бајден 36 години беше сенатор од Делавер, американската држава која е позната дестинација за оф-шор фирми. Во Делавер вмровската номенклатура и бизнис круговите споени со неа имаат отворено свои компании, кои потоа во еден широк круг, во кој се прави „центрифуга“, се перат парите и се инвестираат во Македонија. Според вмровската логика, Џо Бајден треба има огромна хипотека како претседател на САД затоа што доаѓа од држава како Делавер. (Н.В.)