За ВМРО-ДПМНЕ и згрешеното знаме е „уметничка инсталација“
На официјална државна прослава по повод 35 години независност, платена со милиони евра народни пари, Владата на премиерот Христијан Мицкоски го утна македонското знаме, реагира СДСМ, нарекувајќи го срамен ваквиот според нив пропуст.
-Срамота. Не го сменија името, но успеаја да го сменат знамето. Нова верзија на знамето за држава со политика, како што вели Мицкоски др: „Нема воз за ЕУ, има само вагон што сами си го клатиме.“
За Мицкоски и ВМРО знамето е уметничка инсталација. Нова верзија со 12 краци. Ова е само уште еден доказ за нивната целосна неспособност. Имаме коњи со пет нозе, вијадукти од Босна, храмови од Белград. За сè се користи вештачка интелигенција – затоа што природна нема.
Петта недела Гостивар е без чиста вода. Ниту еден стручњак не излезе да каже што е проблемот. Имаме само изјави од Мицкоски, Клековски и Тошковски – без никакво покритие. Во Скопје имаме градоначалник кој со дрон ја испитува водата од воздухот, а не може да направи ниту билборд, а камоли да го реши ѓубрето. Центарот го претворија во депонија. Градскиот сообраќај е хаос.
Патриотите со бугарски пасоши не знаат ниту како изгледа македонското знаме.Додека Мицкоски е на екскурзија, прославата се одвива со видео што ги слави сите државотворни успеси на СДСМ. ВМРО нема ниту еден. Секој вистински државен чекор во овие 35 години го направи СДСМ. Граѓаните денеска гледаат како би изгледала Македонија да беше ВМРО на власт цело време – држава не би ни постоела. Нив ги интересираат само тендери, лично богатење и луксуз.
Да се потсетиме: Во времето на Груевски Македонија плати повеќе од 2 милијарди евра за нивната пљачка. Мицкоски за само две години ја задолжи државата со над 2,5 милијарди евра.Само пљачка, омраза и поделба на народот. Тоа е нивната политика“, порачуваат од СДСМ.
Од партијата ја повикуваат власта да објасни:
• Која компанија го направи знамето?
• Кој беше задолжен за визуелниот идентитет?
• Колку народни пари се потрошени?
• Кој ќе сноси одговорност за ова понижување на државниот симбол?
Од Скопје до денес немаме одговор на овие прашања, стои во реакцијата на СДСМ.
-Постојат работи со кои може да се експериментира. Сценографија. Светло. Музика. Видео. Костими. Режија. Може сонцето да биде сино, зелено, да пулсира, да експлодира на екранот или да се претвори во галаксија. Но кога на сцена се претставува државното знаме на Македонија, тогаш завршува уметничката фантазија и почнува државниот протокол.
Знамето не е реквизит. Не е лого на фестивал. Не е визуелна асоцијација што дизајнерот може да ја доработи ако му изгледа „поубаво“. И најмалку е нешто што треба да се објаснува утредента со партиско соопштение дека, всушност, публиката не разбрала оти гледала „уметничка инсталација“.ВМРО-ДПМНЕ реши токму така да го брани пропустот на спектаклот „Силно светнал ден“, организиран по повод 35 години од независноста. Според нив, повеќекракото сонце било дел од уметничко решение кое потоа визуелно се претопувало во македонското знаме со осум зраци. Добро. Но, ако мора со соопштение да објаснувате дека нешто што на прослава на независноста изгледа како погрешно македонско знаме всушност не било погрешно знаме, туку „уметност“, тогаш проблемот не е кај публиката. Проблемот е кај тие што ја осмислиле, одобриле и пуштиле сценографијата.
Уставот во член 5 утврдува дека грбот, знамето и химната се државни симболи и дека тие се утврдуваат со закон. Тоа не е случајна формулација. Државните симболи не се оставени на вкусот на режисер, продуцент, графички дизајнер или партиски портпарол. А Законот за знамето е уште појасен. Членот 2 утврдува дека знамето е црвено со златно-жолто сонце, со осум сончеви зраци што се простираат од сончевиот диск кон рабовите. Законот ги утврдува дури и положбата на зраците, големината на дискот, центарот на сонцето и соодносот на знамето. Ликовно-графичкиот приказ е составен дел од законот. Значи, државата не рекла: направете нешто отприлика црвено, ставете некое сонце и бидете креативни.
Секако, никој закон не забранува уметник да нацрта сонце со 17, 27 или 107 зраци. И треба да бидеме правно прецизни: самото постоење на стилизирано сонце во сценографија не е автоматски прекршување на Законот за знамето. Но, ако на официјален спектакл посветен на независноста тоа сонце визуелно ја презема функцијата на државниот симбол или е претставено така што публиката оправдано го препознава како македонско знаме, тогаш повикувањето на „уметничка слобода“ е евтино бегство од одговорноста.
Особено кога целиот проект е организиран токму за 35 години македонска независност.Министерството за култура и туризам го најави „Силно светнал ден“ како музичко-сценски спектакл за одбележување на независноста, со караван низ 11 градови и завршница во Скопје. Значи, не зборуваме за независна изложба во приватна галерија каде авторот го преиспитува значењето на националните симболи. Зборуваме за организирано јавно одбележување на државноста, стои во реакцијата на аналитичарот Леон Бакрачевски кој заклучува дека „со неписмени држава не се прави“, и тоа не мислејќи на формалното образование на тие што ја подготвувале прославата.
На крајот тој заклучува дека професионална држава не се гради само со големи сцени, рефлектори, патриотски песни и говори за Македонија. Се гради и со луѓе кои знаат што работат, институции кои проверуваат што плаќаат и функционери кои умеат да признаат очигледен пропуст без да ја навредуваат интелигенцијата на јавноста.