За влез во Бугарија ќе биде потребен PCR тест
(Од нашиот дописник) Јовка Димитрова
СОФИЈА – Бугарија ќе бара негативен PCR тест за влез во земјата од сите држави, рече министерот за здравство Костадин Ангелов.
Засилувањето на контролите за пристигнувања од странство се воведува откако минатата недела беше објавено дека генетска студија на 47 примероци на Ковид-19 заразени во осум случаи откри позаразна „британска“ варијанта на вирусот.
Досега, властите не објавија кога ќе стапи на сила новото барање, туку само дека неговата цел е „да ја зголеми безбедноста на бугарските граѓани во врска со внесувањето на новата верзија на коронавирусот“.
Досега, Бугарија бараше негативен тест само од оние кои доаѓаат од некои земји надвор од ЕУ, а европските граѓани беа ослободени од него.
Властите, исто така, ќе организираат масовно тестирање на наставници во Бугарија за да го видат скриента заболеност пред да се отворат училиштата на 4 февруари. Тогаш учениците од про-гимназијата од 5 до 12 клас, кои досега учеа далечински, треба да се вратат во училниците. Градинките и основните училишта беа отворени порано.
Почнувајќи од следната недела, работата на фитнес клубовите, спортските сали и продавниците во големите трговски центри, кои беа затворени во декември, ќе биде обновена.
Министерот за здравство Костадин Ангелов го објасни ублажувањето на ограничувањата со намалување на инциденцата до 100 на 100.000 луѓе.
Засега, владата одолева на притисокот од сопствениците на ресторани и ноќни клубови, кои се закануваат дека ќе продолжат со работа во знак на протест, иако тие се официјално затворени.
Според сопствениците на рестораните, фактот дека рестораните во хотелите работат, а оние надвор од нив не, е неправеден. Индустријата е исто така незадоволна што финансискиот надоместок ветен од властите е одложен заради комплицирани и незгодни бирократски процедури.
Сепак, премиерот Бојко Борисов ги повика рестораните „да запомнат дека пред еден месец имаше луѓе кои починаа во редици. Немаше кревети во болниците, а некои луѓе се бореа за кревети“. Сепак, сопствениците на ресторани не се согласуваат дека таму најчесто се пренесува инфекцијата, наведувајќи го примерот дека иако хотелските ресторани се отворени, севкупното ширење на корона вирусот се намалува.
Во моментов, има 2.874 пациенти со КОВИД-19 во болниците во Бугарија, а активните случаи на инфекција се 26.929. Од почетокот на пандемијата, 8.820 Бугари починаа по компликации, а речиси 180.000 се опоравија.