За Велигден се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми


Фото: Б. Грданоски

Од четврток 16 април 16 часот, до вторник 21 април 05 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава, што е новитет во мерките на Владата за наредниот викенд заедно со велигденските празници.

Од петок 17 април во 16:00 часот, до вторник 21 април во 05:00 часот, се забранува движењето за сите граѓани, пишува на својот Фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски.

Воедно, Спасовски пишува дека останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.

Во меѓувреме, за сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 21 април, за овие лица има целосна забрана.

Останува активна забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

Kлупи завиткани во најлон во парк во скопската населба Капиштец на нашиот фоторепортер Борис Грданоски може да се нем сведок за социјалната дистанца кај нас, во време на коронавирус, или да се предупредување од градските служби до несовесните граѓани кои не ги почитуваат мерките и не седат дома туку сончевото време го користат за шетање и дружење надвор.