За Велигден нема одење во црква


Во однос на заострување на мерките за заштита од корона вирусот, во периодот околу Велигден, министерот Венко Филипче, рече дека не размислуваат во таа насока.

Смета дека овие мерки кои се воведоа до сега, се доволни за заштита на населението од ширење на корона вирусот.

Ако се знае дека Велигден секогаш е во недела, а традицијата налага посета на црквите во петок попладне, во сабота на полноќ и во неделата, тоа значи дека граѓаните нема да можат да одат во црква.

Според последните воведени мерки за ограничување на движењето, полицискиот час во работни денови почнува во 16 часот и трае до другиот ден до 5 часот, а за викенд полицискиот час почнува во 16 часот во петок и завршува во 5 часот наутро во понеделник.

Секако, верниците ќе можат да запалат свеќа во црква во понеделникот и вторник до 16 часот, пред почетокот на полицискиот час, затоа што празникот трае три дена. Секако, ќе треба да ги почитуваат правилата за социјална дистанца и да не влегуваат многумина одеднаш во црквите.

Во однос на верските празници кои се пред нас, министерот Филипче нагласи дека ќе важи целосна рестрикција во движењето.

– Сметаме дека за време на тие празници, за време на такви собири, многу тешко доколку има дозволено движење ќе може истото да се исконтролира, така да, ставот ќе биде да важат истите мерки како и за викенд, изјави Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашања за изјавата на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи дека ќе ги повлече повиците да не се посетуваат верските објекти, Филипче нагласи дека ги следат реакциите на граѓаните на јавните мрежи во однос на овие мерки, подвелеувајќи дека ова е период кој мора да се издржи.

– Ова се сериозни мерки за рестрикција, меѓутоа крајната цел е да се заштити здравјето на граѓаните и јас верувам дека сите се свесни за сериозноста на ситуацијата и дека секој гледано низ призма на својот професионален и личен капацитет треба да се заложи максимално до сите до кои што допира – граѓани или групи на граѓани дека овие мерки мора да се почитуваат и сите да се придржуваат до истите, изјави Филипче.

Нагласи дека паралелно со тоа, работи и економскиот тим со мерките кои што се објавуваат, како и за подготовка на сите капацитети за нормализирање на животот тогаш кога ќе биде момент.