За вакцинација се пријавиле 4.000 здравствени работници


Фото: Б. Грданоски

Дневниот капацитет за вакцинирање е 880 лица во сите поликлиники во здравствениот дом во Скопје и дополнителни 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Имавме работен состанок за тоа како практично ќе се спроведува процесот на вакцинација. Оној план кој го направивме е оперативен, согласно бројот на вакцини кои ќе бидат на располагање, согласно распоредот којшто е веќе направен, прес се како најприоритетна група здрватвените работници кои работат со ковид пациенти – рече Филипче.

Одлучено е како ќе се пријавуваат, како ќе се профаќаат и на кое место ќе се проведува вакцинацијата. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници од кои 2.000 се во Скопје, останатите во другите градови низ државата.

Се разговарало за тоа како ќе бидат организирани пунктовите во Здравствениот дом Скопје, во поликлиниките „Ченто“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“, каде ќе има повеќе пунктови кои ќе работат во две смени и по една смена пунктови во поликлиникте во „Ѓорче“ и „Млин Балкан“.

Како што кажа тој, во другите градови низ земјава вакцинирањето ќе се спроведува во вакциналните пунктови според праксата за вакцинирање од сезонски грип.