За унгарскиот кредит заинтересирани 200 прилепски фирми, но само 25 имаат целосна документација
Околу 200 компании од Прилепскиот регион пројавиле интерес за да користат средства од унгарскиот кредит, а реално, 25 фирми, во моментов, се со целосна документација, подготвени за аплицирање.
-Според податоците што ги имаме добиено од комерцијалните банки, интересот секојдневно се зголемува за користење на унгарскиот кредит. Од 200 заинтересирани компании од Прилепскиот регион, 25 веќе имаат документација, подготвена за аплицирање. Компаниите би побарувале помеѓу 17 и 20 милиона евра. Позитивно е тоа што Владата, пред да ја донесе одлуката, ги прошири условите за аплицирање, и не само од производствената дејност и затоа од ден на ден интересот расте. Сметаме дека ќе има многу повеќе апликанти од претходно предвиденото, рече Никола Мариноски, претседател на прилепската регионална стопанска комора.
Според банките најмногу се бараат средствата за опрема и за изградба на стопански објекти.
-Овој кредит е привлечен поради ниската каматна стапка и добриот грејс период од 3 години. Овие средства од кредитот за прилепското стопанство ќе значат многу бидејќи ќе влезат многу свежи пари. И бидејќи најмногу средствата се бараат за опрема и за градба, тоа значи и работа за градежните фирми и вработувања, објаснува Мариноски.
Меѓу компаниите која ќе ги користи средствата е „Комфи ангел“ од текстилната индустрија чие производство е наменето за извоз. Ова ќе го продолжи инвестицискиот циклус на компанијата, ќе го зголеми извозот и ќе го подобри стандардот на вработените.
-Фактот што сега имаме можност да земеме кредит со грејс период од три години, ни дава за право инвестициите од три да ги имаме во една година. Тоа ќе ни овозможи да ја зголемиме нашата конкурентска предност на пазарите каде што извезуваме и, дополнително, и најбитно, ќе ни даде можност да го зголемиме станмдардот на нашите вработени, вели Ирена Јакимоска, сопственик на текстилната индустрија „Комфи ангел“.
Првите исплати на средствата од унгарскиот кредит за стопанствениците, банките ги очекуваат во текот на овој месец.