За учество на националниот натпревар од Европскиот квиз на парите пријавени 174 одделенија


За учество на националниот натпревар во рамките на  Европскиот квиз на парите, чија цел е финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години, оваа година се  пријавени  174 одделенија, односно класови од 72 основни и средни училишта од нашата земја.

Како што соопштуваат од Македонската банкарска асоцијација ова упатува на повторно голем интерес меѓу младите за овој натпревар.

Од МБА информираат дека денеска, со виртуелна работна средба со наставниците и професорите координатори кои се одѕваа на Јавниот повик, започнаа активностите за реализирање на натпреварот.

На средбата, менторите беа запознати со материјалите за подготовка од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, како и со начинот и текот на одржување на овогодинешното издание на  Европскиот квиз на пари.

Националниот натпревар, по кој ќе бидат познати победниците – двајцата ученици коишто ќе ја  претставуваат нашата земја на финалето, ќе се одржи на 24  март 2021 година преку електронската платформа „Кахут“.

Квизот е проект на Европската банкарска федерација и има за цел да ги поттикне училиштата и наставниот кадар во Европа повеќе да вложуваат во финансиската едукација на младите.

Нашата земја третпат е дел од овој значаен проект, во организација на Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.

Минатите две години, претставници на нашата земја беа европски вицешампиони.