За учебник по македонски јазик за шесто одделение се расправаше во грчкиот парламент
Излагањето на пратеникот од грчката десничарска партија Ники, Ѓоргос Рунтас, учебникот по македонски јазик за шесто одделение предизвика расправа во паралемнтот во Атина поради наводно несоодветни термини. Весникот „Та неа“ пишува дека Рунтас рекол оти во него има референции за „татковина што отсекогаш била поробена и мачена“, а во него Александар Велики бил претставен како Александар Македонски, без да се направи разлика меѓу античкиот и современиот македонски идентитет.
На прашањето одговарала заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападополу, поранешна грчка амбасадорка во Скопје.
Пападополу побарала да се отстрани, како што пренесува весникот, „ревизионистичкиот и некоректен јазик од учебниците што се користи во соседната земја“. Таа додала дека употребата на неточна терминологија го прекршува не само Преспанскиот договор, туку и Уставот на Северна Македонија.
Според Пападополу, учебниците ги одобруваат министерствата за образование на секоја земја, но и оти Грција и натаму бара коректен опис на историската реалност, точна терминологија и точно национално потекло на историските личности како Александар Велики и Филип Втори во учебниците на Северна Македонија.
Понатаму, таа додала дека грчкиот карактер на античка Македонија и карактеристиките на античката грчка цивилизација се опишани во членовите 7 и 8 од Преспанскиот договор и дека отсликувањето на оваа реалност во учебниците е работа на Заедничката интердисциплинарна комисија, каде што грчката страна го употребува целиот дипломатски притисок што ѝ стои на располагање.
Пападополу додала дека Комисијата се среќава барем двапати годишно, наизменично во Атина и во Скопје, и дека последниот состанок бил во Атина во мај 2026 година. „Работата на Комисијата, како и записниците, се доверливи“, рекла таа.
Пападополу, како што пишува „Та неа“, посочила дека грчката страна на Комисијата редовно ги следи сите содржини на учебниците во Северна Македонија што го прекршуваат правилото за точно именување на државата и за точни историски записи. Додала дека записниците ја покажувале посветеноста од двете страни да се спроведат обврските што биле преземени со Преспанскиот договор.