За три месеци реализирани 8,4 отсто од капиталните расходи и 42 отсто од буџетскиот дефицит


Фото: Б. Грданоски

Во првиот квартал годинава биле реализирани 2 милијарди денари (околу 32,6 милиони евра) или 8,4 отсто од предвидените капитални трошоци за оваа година, додека реализацијата на предвидениот буџетски дефицит за годинава била 42,62 отсто, покажуваат податоците за приливот и одливот на средства во Буџетот за 2020 година што ги објави вчера Министерството за финансии.

Инаку, во Буџетот за 2020 година за капитални трошоци се планирани вкупно 23,77 милијарди денари или околу 386,5 милиони евра.

Според прегледот кој што е достапен на интернет страницата на Министерството, во март оваа година биле реализирани 870 милиони денари капитални расходи (околу 14 милиони евра), во февруари биле реализирани 742 милиони денари или околу 12 милиони евра, а најмалку во јануари, само 397 милиони денари или околу 6,4 милиони евра.

Реализацијата на капиталните расходи традиционално е „болка“ на Буџетот со години наназад.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски викендов изјави дека пандемијата не смее да претставува пречка за изградбата на патиштата, железницата, гасификацијата, водовод и канализација, како и дека до средината на април капиталните инвестиции се реализирани со 10 отсто, но вети поголема реализација во наредниот период.

Во овие расходи не влегуваат средствата што ги инвестира Јавното претпријатие за изградба на државни патишта. Според директорот на ова ЈП, Зоран Китанов, до изминатиот викенд претпријатието исплатило близу 4 милиони денари од својот буџет за реализација на програмата, или 21,3 отсто.

Кај буџетскиот дефицит пак, кој на почетокот на годинава беше предвиден да изнесува 17,38 милијарди денари или околу 286 милиони евра, најмногу средства биле реализирани во февруари и март, по околу педесетина милиони евра. Според очекувањата буџетскиот дефицит годинава ќе биде многу поголем, поради влијанието на корона кризата врз приходите во државната каса што ќе наметне и зголемено задолжување во земјава и во странство.

Како што во повеќе наврати истакнуваа владините претставници, кризата од Ковид-19 врз приходите во Буџетот почна да се чувствува од средината на март, што го покажуваат и податоците презентирани во табелата. Така, кај персоналниот данок од доход, во првите три месеци биле уплатени вкупно 4,39 милијарди денари или 21,66 отсто од предвидените средства за оваа година, кај данокот на добивка 2,9 милијарди денари или 18,41 отсто, кај ДДВ (нето) 11,7 милијарди денари или 21,08 отсто, кај акцизите 55,2 милијарди или 17,98 отсто, а кај увозните давачки 1,69 милијарди денари или 27,32 отсто.

Кај расходите, реализацијата е во рамки на планираното – за плати и надоместоци биле исплатени 7,3 милијарди денари или 24,1 отсто од планираното за 2020 година, кон фондот за ПИОМ биле насочени 16,9 милијарди денари или 24,6 отсто од планираното за 2020 година, за социјална помош 23,72 отсто од вкупно предвидените расходи за оваа година, а за слично е и за здравствена заштита – 23,26 отсто. (М.Ј.)