За три години земјоделците добиле речиси половина милијарда евра субвенции

 Грижата за земјоделците продолжува уште повеќе, обезбедуваме 200 милиони евра годишна финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната средба со граѓани и земјоделци во Кривогаштани, Могила и Ивањевци.
Заев потенцираше дека изминатите три години се зголемија субвенциите, чија исплата се одвива редовно, навремено и неселективно со што, како што рече, се покажува на дело вистинската грижа за земјоделците и земјоделството.
– За овие три години, овозможивме директна и индиректна поддршка во земјоделството во историски рекорден износ од над 430 милиони евра. Ја воведовме зелената нафта, 200 милиони денари завршија назад кај 55.000 земјоделци и поддршката за млад земјоделец ја зголемивме од 10.000 евра на 20.000 евра. Вие кои сте тутунари, многу добро знаете дека ги зголемивме субвенциите за тутун дека има три категории субвенции, од 60, 70 и 80 денари по килограм тутун во зависност од неговата класа“, рече пред присутните претседателот Заев уверувајќи дека грижата за земјоделците, за младите земјоделци и жените земјоделки продолжува уште повеќе во следните четири години.
Заев рече дека годишната финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој ја димензионирале на 200 милиони евра и најави дека до 2024 година ќе обезбедуваат целосно бесплатна 100 проценти субвенционирана „зелена“ нафта  за сите земјоделци и двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок.
– Тоа за вас значи повеќе пари, значи намалени трошоци, значи слободни средства кои ви стојат на располагање, средства кои можете да ги инвестирате во поквалитетно производство, подвлече претседателот Заев и додаде дека СДСМ покажува вистинска грижа за земјоделците, го цени и вреднува нивниот труд.