За три години 35 странски компании инвестирале во Македонија, а годинава 12


Претседателот на Владата, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со странските инвестиции во Северна Македонија, подвлече дека, само во изминатите три години, 35 нови странски фирми, компании, инвестираа тука.

„Во 2018 година го надминавме рекордот на странски инвестиции, со 625 милиони евра нето странски инвестиции, со девизен прилив во државата. Во 2019 година, над 300 милиони евра. Оваа година се случи корона кризата, сепак имаме 12 директни странски инвестиции, кои се во фаза на реализација, на потпишување на договори или во фаза на преговори. Една е инвестицијата на Кромберт и Шуберт, со сосема нов погон, инвестиција, дуплирање на сите капацитети низ територијата на целата држава. Дополнително, нова инвестиција е Дура, поголема од 100 милиони евра, Магна во Струга, Костел со втората инвестиција во државата, и многу други странски компании“, потсети премиерот Заев.

Тој се осврна и на помошта и поддршката што ја добиваат и домашните фирми, со цел проширување и јакнење на своите капацитети.

„400 домашни компании добија поддршка од 17,3 милиони евра од државата, за нови инвестиции за време на КОВИД-19. Дополнителните инвестиции во енергетиката се нешто што ја движи нашата економија, и продолжуваме во тој правец“, истакна Заев.

Како што рече премиерот Заев, членството во НАТО е сериозно охрабрување и гарантира стабилност и сигурност при инвестирање во нашата земја и покрај тоа што се случи во време на пандемија, и ефектите не се почувствуваа во целост.

Премиерот Заев информираше и за фирми со кои во моментов се преговара.

„Разговараме за инвестиции во гасна електрана со Генерал Електрик Инвестмент во Битола. За 800 мегаватна електрана, вредна 400 милиони евра. Разговараме и за ТЕЦ Неготино, за што има заинтересирани повеќе од 50 инвеститори“, рече премиерот Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој информираше дека заврши и рокот за доставување на понуди за огромниот проект Чебрен. Тој информираше дека после 11 години неуспешни обиди на претходната власт, сега има 10 понуди, од големи компании од шпанското, француското, грчкото електростопанство, ЕВН заедно со австриска компанија, а има понуди и од турска и кинеска компанија. Станува збор за проект вреден меѓу 600 и 800 милиони евра.
 
„Сите овие инвестиции се поради поволната политичка клима, идните перспективи, членството во НАТО и пријателството кое е изградено. Верувам дека и дома ќе постигнеме политички консензус, соработка помеѓу власт и опозиција, помали и поголеми партии, за да можеме да очекуваме уште по поволна бизнис клима“, заклучи премиерот Заев.