За Трајко Славески бојкотот на маркетите бил обичен фолклор

Членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ништо не се постигнува со бојкотот, а барањата за повисоки плати ја подгревале инфлацијата


Фото: Б. Грданоски

 

Професорот Трајко Славески синоќа во емисијата „Отворено“ на ТВ 24 рече дека најавениот бојкот на маркетите во петок, всушност, ќе биде залуден, бидејќи нема да го даде ефектот што многумина го посакуваат. Славески решението го гледа само на едно место – кај пазарот, бидејќи тој е единствениот кој може да ги креира цените на производите.

„Ова е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така што најдобро е да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи“, рече Славески.

Тој тврдеше дека барањата за раст на платите ја подгревале инфлацијата.

„Ако очекуваме и мислиме дека цените ќе се зголемат наредните месеци, тоа ќе влијае и на фирмите и на потрошувачите и тоа само ќе ја зголеми инфлацијата. Покрај тоа, инфлацијата дополнително се подгрева ако постојано се зборува за зголемување на платите“, додаде Славески.

Неговата партија ВМРО-ДПМНЕ јасно преку соопштение го поддржа најавениот бојкот на маркетите, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека има „лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема. Од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити“.

Ова не е прв пат економистот Трајко Славески да има поинакви изјави за економските политики на партијата во чие раководство е, а ја извршува и функцијата претседател на Советот на Град Скопје.

Опозициската СДСМ денеска неговата изјава дека постојано се зборувалео за згголемување на платите ја нарече „срамна, дрска и потценувачка“. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека „се лаже ДПМНЕ ако мисли дека може некого да замолчи. Граѓаните имаат мака да обезбедат основни потреби за секојдневниот живот и со право работниците бараат поголеми плати. Тоа е истиот човек кој беше против покачувањето на минималната плата за работниците. Но, еве прашуваме зошто Трајко Славевски не се откаже од паушалот од 600 евра во Советот на Град Скопје?“ (Н.В.)