За Словенија, Хрватска е сѐ уште далеку од Шенген зоната

Словенечкиот премиер Марјан Шарец изјави денеска дека Хрватска се уште е далеку од членство во шенгенскиот простор, не исклучувајќи ја можноста неговата Влада да го поврзе прашањето за словенечка поддршка на Хрватска со нерешениот арбитражен спор околу Пиранскиот залив.

– Што се однесува до Шенгенот, Хрватска е уште далеку од исполнување на критериумите за членство и во таа смисла мора уште многу да направи, рече Шарец во интервју за словенечката телевизија ПОП-ТВ.

Одговарајќи на прашањето дали Словенија ќе го блокира членството на Хрватска во Шенген зоната поради нерешеното гранично прашање и арбитражниот спор, тој рече дека „сѐ уште се далеку од точката во која би можело да се зборува за некаква словенечка блокада“.