За Славески замрзнувањето на цените е популистичка мерка и нема да го заштити стандардот


Трајко Славески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на Советот на Град Скопје смета дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и нема да го заштити стандардот. Тој во неделното интервју на Радио слободна Европа на македонски (РСЕ), изјави дека една од реперкусиите од таквата мерка може да биде зголемување на сивата економија, или недостиг на производи. 

„Слушнавме и од стопанството, од компаниите дека ова е една популистичка мерка, која нема да повлијае на заштита на животниот стандард. Затоа што кога го пригушувате стандардот, особено кога се работи за отстапување на она што се трошоци за производство или набавка, знаеме ние дека во нашата дневна палета на производи што ги користиме, користиме значителен обем на производи кои што се од увоз, тука ние не можеме да влијаеме. Реперкусиите ќе се или недостаток на некои артикли на пазарот со замрзнати цени, сива економија и слично. Ова е една непазарна мерка која треба што побрзо да се напушти, да се влијае на факторите, кои придонеле до таков дисбаланс, до таква дестабилизација“, вели Славески за РСЕ.

Тој потсетува дека во 2007-2008 година имало слична ситуација со цените на енергијата, кога нафтата во јули 2008 година достигна цена од 142 долари за барел (сега не е повисока од 75-80 долари)), а имаше и драматичен пораст на цените на житарките на светските пазари.

„Не замрзнавме цени, тоа е едно добро менаџирање на состојбите, инфлацијата се покажа од времен карактер и цените се смирија за само неколку месеци. Мислам дека лошо се менаџира. Сега во интерес на вистината да кажам дека барем до сега овој раст на цените што го имавме не се должи на зголемените цени во тој обем на енергенсите, на електричната енергија, затоа што тоа допрва доаѓа, затоа што се најдовме во една незгодна ситуација да набавуваме на дневна основа електрична енергија по највисоки цени и тоа нормално во иднина, со извесно задоцнување ќе има негативен ефект на растот на цените. Од друга страна на растот на цените, тоа мора да го признаеме влијаат и некои мерки кои што беа неопходно во минатото. Минатата година ние имавме значителен пад од над пет проценти на Бруто домашниот производ, рецисија во четири квартали, а со задолжување од надвор се поддржуваа доходите на одредени социјални групи, се делеа плати или субвенции на претпријатијата и таа куповна моќ, сега соочена со помало производство, нормално притиска на цените“, вели Славески.