За Скопје не е јасно во што е проблемот, Софија ја дообјаснува позицијата

Сакаме да најдеме решение со Бугарија зашто сме пријатели, но не е јасно во што е проблемот, порача вчера премиерот Зоран Заев. Вели дека македонската страна нуди решенија за тргање на бугарската блокада и отворање на патот кон ЕУ и е согласна ако треба уште еднаш да се дефинираат работите содржани во Договорот за добрососедство.

Дадени се и појаснувања дека долгото и краткото име на државата се едно и исто – државата Република Северна Македонија, дека немаме територијални претензии, дека немаме намера, ниту според Уставот имаме право да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија или на која било од соседните земји, вклучително и малцинските права, дека ќе се спречува говорот на омраза.

-Предложивме нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо и тоа е доказ за голема доверба кон нашите соседи. Согласен сум ако треба уште еднаш да ги дефинираме работите коишто се напишани во Договорот, а тоа е немешање во внатрешните работи вклучително и малцинските права затоа што тие се решаваат на меѓународно ниво пред Судот за човекови права. Реално, подготвен сум иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот или како што тоа го направија Германија и Франција, да гледаме низ призмата на пријателството, истакна Заев при вчерашните посети на Битола и Прилеп.

Најави дека ќе продолжат напорите да се најде решение со Бугарија, но како што наведе, со или без блокади земјава ќе продолжи со европеизација и вградување на европските вредности.

-Треба да продолжиме со Бугарија, да правиме напори, како што ме охрабрија неколку земји од ЕУ. Ние друга алтернатива немаме, сакаме да вградиме европски вредности дома и да си ја европеизираме државата. Тоа е нашата иднина и верувам дека за тоа ќе помогнат сите соседи, ќе помогне соседна Бугарија, истакна Заев.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захарева, пак, вчера изјави дека Бугарија и натаму смета дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ, но инсистира на видливи резултати во спроведувањето на Договорот за добрососедство со РС Македонија. Тоа било позиција што ја предложи владата, а едногласно ја усвои бугарскиот парламент.

Сепак, признава дека позицијата на Софија не е лесна за разбирање, но оти ќе продолжат со напорите да ја објаснат. Тоа, вели Захариева, не значи дека Бугарија треба да продолжи да ги затвора очите.

– Очекувањата во Република Северна Македонија дека некој ќе изврши притисок врз нас и ќе го заборавиме спроведувањето на Договорот за добрососедство и одлуката на нашиот парламент не се реални, изјави Захариева за бугарското радио „Дарик“.

Клучен проблем, според неа, е неспроведувањето на Договорот за добрососедство, како и ниското ниво на меѓусебна доверба, префрлање на решавањето на политичките прашања на историчарите, но и непочитување на правото на самоопределување на граѓаните со бугарска самосвест во РС Македонија.

Тврди дека никој не го оспорува правото на самоопределување и слободно изразување, а проблем не бил ниту јазикот.
 
– Јазикот никогаш не бил непремостлива пречка за пристапувањето на РС Македонија. Тој е непремостлива пречка за нив. Господинот претседател (Стево Пендаровски) многу добро знае за што станува збор, и не треба да ги извртува работите, истакна Захариева.
 
Обвини дека во РС Македoнија се води „пропаганда која има за цел да го одвлече вниманието од фактот дека не се почитува напишаното во Договорот за добрососедство“.
 
– Политичките прашања мора да ги решат политичарите. Проблемот е во тоа што што нашите пријатели од РС Македонија се обидуваат да им пренесат политички прашања на историчарите. За да се решат проблемите треба да се намалат емоциите. Со емоции и разговори преку медиумите тоа нема да се случи. Потребна е добронамерност, отвореност, ставање на проблемите на маса и да им се остави на историчарите да си ја вршат својата работа без политички притисок, заклучува шефицата на бугарската дипломатија.
 
 
„Тоа што го прави Бугарија со блокадата на С Македонија е крајно опасно“, смета претседавачот на комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг, Гинтер Крихбаум, кој е од редовите на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.
 
Крихбаум во изјава за Дојче веле, порача дека и покрај блокадата од Бугарија, Северна Македонија во никој случај не смее да се откаже, туку напротив со храбри реформи да покаже дека сака да стане дел од Европската унија.
 

– За жал, стана лоша навика меѓудржавните спорови во текот на проширувањето на ЕУ да се претвораат во европски проблем. Тоа можевме да го видиме и при влезот на Хрватска со спорот околу Пиранскиот Залив или во процесот на пристапување на Србија, каде што Хрватска се спротивстави. Ова е развој што е крајно опасен и ова им го кажав многу јасно на нашите бугарски пријатели, вели Крихбаум.

Прашан за коментар за молкот на Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ЦДУ, но и владејачката бугарска ГЕРБ, тој наведува дека во дипломатијата не е секогаш препорачливо сите разговори да се пренесуваат во јавност, но, вели дека ЕПП исто така е многу ангажирана во потрагата по брзо решение.

За улогата на Германија, посочува дека Берлин долги години интензивно работи на приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и го иницираше таканаречениот „Берлински процес“.

– За нас, европската перспектива на целиот регион не е доведена во прашање. Канцеларката Ангела Меркел во средата, за време на пратеничките прашања во Бундестагот, ме увери дека е во постојан контакт со бугарскиот премиер на оваа тема, вели Крихбаум.

Доколку блокадата на Бугарија продолжи на неодредено време, тој порачува дека Северна Македонија во ниту еден случај не смее да се откаже или да ги запре итно потребните реформи.

– Токму спротивното. Земјата преку храбри реформи треба да покаже дека сака да стане дел од Европската унија. Патем, овие реформи и борбата против корупцијата немаат за цел да задоволат никого во Брисел или Берлин. Тие им служат на луѓето во Северна Македонија кои сакаат да бидат дел од Европа, изјави Гинтер Крихбаум.