За сипаници, со МРП, вакцинирани само 62 отсто од децата – далеку сме од колективен имунитет


Фото: Б. Грданоски

 

Морбилите или мали сипаници за кои постои вакцина и е задолжителна со вакциналниот календар, сепак се појавија во регионов, во Косово и во Бугарија, а здравствените власти повикаа родителите да ги вакцинираат децата.

– Сакам да упатам апел до сите граѓани на Македонија, да поревносно пристапат кон вакцинација од морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 отсто, од Институтот за јавно здравје го кажуваат тоа. Ова го кажувам, затоа што во моментот расте бројот на случаи од морбили во Косово и во Бугарија – рече министерот за здравство Сашо Клековски, денеска на прес-конференција.

Според министерот за здравство, Сашо Клековски, кажа дека опфатот на вакцинација против морбили е 62 отсто, а целта е да се стигне до 95 отсто.

Штом наполнат 12 месеци, сите деца треба да примат прва доза од вакцината против мали сипаници, заразни заушки и рубеола (МРП вакцина).

Без оваа вакцина детето е во ризик и може да се разболи од овие сериозни болести.

Ревакцинацијата со оваа вакцина има малку поголем опфат и изнесува 85 отсто, но сепак тоа не е доволно за да се изгради колективен имунитет.

Во однос на другите вакцини кои се наоѓаат во вакциналниот календар, здравствените власти потврдуваат дека немаме достигнато посакуван процент на опфат со вакцинација. 

Така, за хепатитис Б опфатот е 77 проценти, хемофилус инфлуенца – 78, дифтерија, тетанус, пертусис – 79, полио 79, МРП – 62, ХПВ со 51 отсто и најновите рота и пнеумококна со 64 и 80 проценти.

Нешто подобра е состојбата со ревакцинацијата, но сепак не е доволно, односно не е достигнато нивото на 95 отсто.