За Шпанците, Италијанците и Французите здравјето е поважно од економијата

Во Франција владата распореди 100 илјади полицајци за да ги спроведуваат острите мерки (Фото: АФП)

Според новата анеката огромно мнозинство од граѓаните го поддржуваат целосното затворање во државите поради корона вирусот

 

Луѓето во Шпанија, Италија и Франција со големо мнозинство поддржуваат строги мерки за борба против ширењето на коронавирусот, според анкетата спроведена во недела и понеделник.

Во трите европски земји најтешко погодени од пандемијата во однос на бројот на загинати од Ковид-19 досега, испитаниците биле повеќе загрижени за влијанието на вирусот врз јавното здравство отколку врз економијата.

Огромни 90 проценти од луѓето во Италија поддржуваат строги мерки на социјално дистанцирање, кои вклучуваат забрана за какво било движење во земјата и затворање на несуштински бизниси, според анкетата на 4.500 лица спроведена од лондонскиот центар „Редфилд и Вилтон стратегии“. Анкетата ги испитувала ставовите на 1.500 луѓе во секоја од трите земји.

Во Шпанија, каде на луѓето исто така им е наредено да останат во затворен простор, 88 отсто од луѓето ги поддржуваат правилата на владата, додека француската влада доби одобрение од 87 отсто од анкетираните. Во таа земја, владата распореди 100.000 полицајци низ целата земја за да спроведе мерки кои им овозможуваат на луѓето да излезат од дома заради официјално образложени причини.

Мнозинство луѓе и во Италија и во Шпанија (59 отсто) и над 40 отсто од Французите би биле подготвени да ги толерираат мерките онолку колку што се смета дека е потребно, дури и ако заклучувањето трае подолго од два месеци.

Бројот на смртни случаи на коронавирус се искачи на 6.820 во Италија во вторникот вечерта, Шпанија сега има бројка на загинати од 2.808, во Франција бројот е 1.100.

Посебна анкета за „ЈуГов“ од вторникот, откако британскиот премиер Борис Џонсон објави нови мерки за да ги задржи луѓето дома, откри дека 93 проценти од Британците го поддржале овој потег.

Од трите анкетирани народи, Италијанците покажаа најсилна поддршка за нивниот лидер, со 76 проценти од испитаниците или силно одобруваат или донекаде го одобруваат начинот за справување со кризата на премиерот Џузепе Конте. Во Франција еквивалентната бројка за претседателот Емануел Макрон е 49 проценти. Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, најмалку го импресионираше својот народ, со 43 проценти.

Во меѓувреме, 61 процент од Италијанците изјавија дека не мислат оти Европската унија помогнала за време на кризата наспроти 24 проценти кои мислеле спротивно. Француските испитаници, исто така, не се согласија со улогата на ЕУ, со 46 проценти наспроти 31 процент. Ставот кон Брисел е попозитивен во Шпанија, при што 43 проценти наспроти 32 проценти велат дека ЕУ помогнала.

И во Италија и во Шпанија имало силни мнозинства во корист на владата да изврши еднократна исплата на сите граѓани за да им помогне во кризата. Во Франција, нешто помалку од половина од оние кои учествуваа на анкетата ја поддржуваат таа мерка. (Политико)