За шест од 10 Грци земјата оди во правилна насока


За 61 процент од Грците земјата во изминатите шест месеци сигурно или веројатно оди во правилна насока, покажува истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ спроведено за грчката телевизија „Скај“, jави дописничката на МИА од Атина.

Владејачката Нова демократија и понатаму е во предност пред опозициската СИРИЗА со 13,5 отсто поголем рејтинг, додека пак Кирјакос Мицотакис за 45 проценти од анкетираните е посоодветен за премиер во однос на Алексис Ципрас, кој добива 26 отсто.

Според резултатите од анкетата, Нова демократија има 38,5 отсто доверба, СИРИЗА, 25 проценти, а понатаму следат Движење на промена со шест отсто, Комунистичката партија со пет, МЕРА25 со четири и Грчко решение со 3,5 проценти.

Тројца од 10 анкетирани сметаат дека во првите 100 дена, Владата на Нова демократија била најефективна во темите поврзани со данокот, 20 отсто не одбрале ниту една од понудените области во истражувањето, 10 проценти рекле дека тоа е безбедноста, осум отсто инвестициите, а само еден процент миграциското прашање.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ било спроведено од 18 до 21 октомври 2019 преку телефонски интервјуа во кои биле вклучени 1103 лица со право на глас