За шест месеци собрани речиси 80 илјади тони отпад во Скопје


Во периодот јануари-јуни 2021 година, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје подигнаа и транспортираа вкупно 79.499 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, што претставува зголемување од 4.921 тони, односно 6,6%, во однос на истиот период минатата година.

Во текот на првите шест месеци од годината беа отстранети над 7.000м3 отпад одложен на јавни површини, а во истиот период екипите на претпријатието расчистија неколку обемни диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.

Со цел – одржување на максималното ниво на јавната хигиена како и спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, pретпријатието спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и Старата скопска чаршија.

Во пресрет на најзначајните верски празници беше извршено рачно миење на околината на поголемите верски храмови, а претпријатието реализираше и рачно миење на сите пунктови за масовна вакцинација на територијата на Градот Скопје.

ЈП Комунална хигиена-Скопје перманентно ги подобрува условите во своите работни простории, при што неодамна беа пуштени во употреба осум нови пунктови лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Чаир и Шуто Оризари.

Во периодот од 18 до 22 мај годинава, Претпријатието спроведе акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини, во чиишто рамки беа подигнати и транспортирани рекордни 650м3 одложен мебел и отпад од електронски и електрични уреди.

Според Извештајот од извршениот мониторинг на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје е второ претпријатие во државата според нивото на транспарентност. Воедно, според реномираниот Центар за граѓански истражувања, претпријатието се наоѓа на второто место на актуелната листа на транспарентност на сите државни институции, со оценка-одлично ниво на транспарентност, како и најголем раст на транспарентноста за минатата година.

Во текот на првите шест месеци од годинава, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје набави десет нови специјални комунални машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини, што се употребуваат за одржување на јавната хигиена во сите скопски општини, како и пет нови возила-камиони наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад.

Во претстојниот период е планирана набавка на уште 32 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, камиони и кипери, што се очекува значително да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на претпријатието.